Скопје – Ја разбирам еврокомесарката, таа требаше да го помине сослушувањето на кој требаше да гласаат и европратеници од нашиот источен сосед и тоа е во рамките на таа димензија. Мислам дека низ таа оптика таа ги гледаше тие пораки и јас низ таа оптика ги гледам тие пораки. Убеден сум дека во периодот што следи, низ заеднички рагзовори, конечно, по 2,5 децении патот на Македонија до полноправно членство во ЕУ ќе биде широко отворен и ќе се вреднува врз основа на постигнувањата и компетенциите, а не поради билатералните прашања. Убеден сум дека ќе успееме, рече премиерот Христијан Мицкоски во врска со изјавата на еврокомесарката Марта Кос според која, земјава треба да ги спроведе уставните измени.
Одговорајќи на новинарски прашања, Мицкоски порача дека „мора да не биде и ќе не биде“, а ваквиот оптимизам го темели, како што напомена, на сите досегашни средби со релевантните светски лидери, реализирани во изминатите речиси пет месеци.
Разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон во Будимпешта, премиерот ги оквалификува како суштински дијалог на кој не се разговарало само за македонските евроинтеграции.
– Покрај прашањата поврзани со ЕУ интеграцијата на нашата земја, зборувавме и за соработката во економијата, имаме многу проекти во инфраструктурата, здравството кои ни се важни и кои како влада со влада може да ги реализираме, комуникацијата продолжува, дента имавме можности често да бидеме заедно и да разговараме за мнгоу отворени теми, истакна Мицкоски по увидот во градежните работи на три делници кај Велес. (9 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.