Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Атина – Очигледно е дека Грција има оружја и не мислам на оружјата што произлегуваат од самиот Договор, туку на најголемото оружје со кое располага, а тоа е што е „надзорник“ на европскиот тек на Скопје, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервју за ТВ Скај.

– Факт е дека не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека тоа е името на државата и важи за сите. Односно да се повтори очигледното, она што го имаат потпишано. Не бараме ништо различно. Pacta sunt servanda, рече Мицотакис

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во интервјуто за централното вечерно издание на вестите на грчката телевизија, Мицотакис посочи дека во конкретното прашање „Грција не е сама и има поддршка од цела Европа“, а грчката „позиција е апсолутно разбирлива“.

Тој нагласи дека Северна Македонија влезе во НАТО, бидејќи се реши прашањето со името преку Договорот од Преспа.

– Договорот од Преспа имаше други слабости, но членот од Договорот од Преспа што се однесува на името, ерга омнес, името Република Северна Македонија за севкупна употреба, не е подложен на никакво оспорување или правно толкување. Тоа е името на земјата и никој не може да ја нарекува со друго име. Ова е нешто што апсолутно јасно му го ставив на знаење на премиерот на Северна Македонија за време на Самитот на НАТО дека се наоѓа на таа маса токму затоа што е потпишан Договорот кој во моментов не го почитува, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер уште еднаш повтори дека тој лично бил против Договорот поради признавањето на македонската националност и јазик од страна на Грција, а не поради името.

– Овој договор треба да го почитуваат нашите соседи затоа што ги сакаме блиску до Европа, не сакаме да бидеме скарани, посочи Мицотакис за „Скај“. (16 јули)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.