Блед, 28 август 2023 (МИА) – Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, изјави за МИА претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел по синоќешната билатерална средба со премиерот Димитар Ковачевски, што се одржа пред почетокот на Бледскиот стратешки форум.
Мишел оцени дека односите меѓу Северна Македонија и ЕУ се одлични. Притоа тој му честита на премиерот Ковачевски за одлуката за отпочнување на постапката за носењето на уставните измени.
– Северна Македонија и ЕУ имаат одлични односи и тука би сакал да му честитам на премиерот за неговата одлука да ги поднесе до Собранието уставните измени. Убеден сум и уверен дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ, рече претседателот на Европскиот совет.
Средба Ковачевски-Мишел во Блед: Да се искористи оваа неповторлива шанса за продолжување на европскиот пат
Блед, 27 август 2023 (МИА) – Посветеноста и поддршката на Европската Унија во процесот на евроинтеграции на Северна Македонија е исклучително важна во дадениот момент, за што е јасно упатена пораката од страна на ЕУ, за важноста на успешното завршување на процесот на уставни измени, за натамошниот тек на процесот на европско интегрирање на земјата, било истакнато на вечерашната билатерална средба на премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Блед.
-Двајцата соговорници се согласија дека уставните измени претставуваат единствена и неповтролива шанса за напредокот и просперитетот на Северна Македонија во рамки на ЕУ. Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе има позитивно влијание и врз севкупните состојби на Западен Балкан, а особено во делот на економски развој како на земјата, така и на регионот, соопшти владината прес-служба.
Маричиќ: ЕУ перспективата е сè поизвесна, да се фокусираме сите на обврските
Блед, 28 август 2023 (МИА) – ЕУ перспективата е сè поизвесна, да се фокусираме на обврските ако сакаме брз напредок во пристапните преговори, порача вицепремиерот Маричиќ по средбата на македонската делегација, предводена од премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.
Маричиќ на својот Фејсбук профил напиша дека имале значаен и отворен разговор со претседателот на Европскиот совет Мишел, низ кој било потврдено дека интеграцијата на Западен Балкан за Европската Унија е важна и дека тоа останува нејзин стратешки приоритет.
– Наша обврска е да ја искористиме позитивната атмосфера и во пресрет на европските избори да ја загарантираме нашата европска перспектива. Целта ни е да продолжиме со преговорите и да успееме, со обединетост и одговорен пристап кон спроведување на реформите и задачите кои ги имаме на патот до ЕУ, напиша Маричиќ.
Османи: Владата останува максимално посветена во реализација на полноправно членство до 2030 година
Блед, 28 август 2023 (МИА) – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој го придружуваше премиерот Димитар Ковачевски на билатерална средба со претседателот на Европскиот совет, на Фејсбук напиша дека имале продуктивни разговори со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел и оти во фокусот биле преговорите за членстви во ЕУ.
-Во фокусот: преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија, европската перспектива на земјите од Западен Балкан и регионалната соработка. Владата останува максимално посветена во реализација на стратешката цел: полноправна членка до 2030 година, за стабилна и просперитетна иднина на нашите граѓани. Унијата наш недвосмислен партнер во реализација на домашната реформска агенда, напиша Османи.
Мицкоски за Политика: Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот
Белград, 28 август 2023 (МИА) – Нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот, вели лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски во денешното интервју за белградска Политика, обвинувајќи ја нашата дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема да има нови пречки за македонскиот евроинтегративен пат.
Одговарајќи на прашањето за пораките од високите функционери на ЕУ, како Жозеп Борел, министрите за надворешни работи на Вишеградската група, пораките од државниот секретар на САД, Блинкен, и другите, дека промената на Уставот е единствениот пат на просперитет на Северна Македонија во рамки на европските перспективи, Мицковски го повтори ставот на ВМРО ДПМНЕ.
– Ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно, рече Мицковски.