Скопје – Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја посети македонската заедница во Албанија, по обвинувањата дека Софија се обидува да го “бугаризира“ македонското малцинство во оваа земја.
„Министерството за надворешни работи останува во комуникација со македонското национално малцинство Албанија за прашања кои ги засегаат Македонците овде и активно е ангажирано за заштита и промовирање на нивната етничката, културна и јазична посебност„, изјави министерот Османи кој ги посети Требиште и Пустец каде се сретна со активисти и претставници на тамошните Македонци и локалните власти.
Во фокус на разговорите на Османи со неговите домаќини беше положбата на Македонците во Албанија и поддршката што тие ја добиваат од институциите на Северна Македонија, при што министерот како конкретна форма на таа помош ги издвои проектите финансирани од МНР и владините стипендии за студирање во земјава.
Министерот Османи потенцира дека ќе подготви информација до Владата и акциски план, како Северна Македонија и нејзините институции можат преку конкретни проекти да им помогнат на Македонците во Албанија. (28 август)
Подготвен национален план за стабилно снабдување со храна во соработка „Отворен Балкан“
Скопје – Пред почетокот на заедничкиот самит на храна и вино што во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ ќе се одржи во Белград од 1 до 4 септември, Северна Македонија ја интензивира домашната агенда со која се стимулираат националните капацитети за производство на храна и намалување на увозната зависност.
Владата донесе „Национален план за производство на храна“, кој содржи конкретни мерки за поддршка на земјоделскиот сектор во време на криза, “со кои ги поттикнуваме земјоделците максимално да ги искористат сите ресурси, секоја педа обработливо земјоделско земјиште, за да произведат повеќе“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
За оваа цел со усвоениот ребаланс на Буџетот одвоени се дополнителни 32 милиони евра за зголемување на домашното производство на храна.
Во рамките на „Отворен Балкан“ е оформена и кризна група, која ги анализа состојбите во трите држави вклучени во иницијативата – Северна Македонија, Албанија и Србија и според чии проценки тие меѓусебно можат да си ги обезбедат евентуалните недостатоци од храна. (29 август).
Во услови на енергетска криза владата апелирабизнисот и граѓаните да штедат струја
Скопје – Во пресрет на зимата, поддршката за земјоделството и менаџирањето со енергетската криза остануваат врвни приоритети на Владата, најави премиерот Димитар Ковачевски, додека во исто време лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара надлежните да произведуваат струја која ќе завршува како помош во стопанството.
Премиерот најави дека ќе се разгледа барањата на бизнис секторот за ублажување на ударот од високите цени на струјата за компаниите, но, според него, евентуално дополнителното намалување на ДДВ-то не би имало големо влијание на цената на електрична енергија, бидејќи таа на слободниот пазар е над 1000 евра. Тој посочи и дека клучно во следниот период е да се направат заштеди на електричната енергија секаде каде што е можно.
Од друга страна лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски обвини дека македонските бизнисмени плаќаат повисока струја од нивните колеги во регионот и упати апел до надлежните да произведуваат струја која „ќе завршува како помош во стопанството“.
Министерството за финансии, пак, оцени дека седум месеци од почетокот на војната во Украина, економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можноста за запирање на испораката на гас од Русија, растот на цената на електричната енергија и затегнувањето на условите за финансирање. (29 август).
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.