Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија, македонските превозници, како и од Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, најавија дека в понеделник ќе почнат седумдневна блокада на граничните премини што одат кон шенген-зоната.

Билјана Муратовска, генерален секретар на Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва „Макам-транс“, за МИА изјави дека се свесни за последиците од блокадата, но истакнува дека ако се реализираат нивните барања, придобивките ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата и во државата и во Западен Балкан. 

Муратовска вели дека засега нема никакви сигнали од Европската комисија за какви било преговори во однос на решавање на проблемот со евиденција на престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена за професионалните возачи.

– Доколку до понеделник не се добие каква било информација од ЕУ, протестот во сите четири држави ќа почне точно во 12 часот за сите возила што излегуваат од државата, а за сите возила што ќе влегуваат во државата граничните премини се затвораат во 00.00 часот со цел сите што се враќаат дома да може да влезат и да му се приклучат на протестот – изјави Муратовска. 

Главното барање на превозниците е да се најде решение за престојот на возачите во шенген-зоната, како што појаснува Муратовска, да не се евидентираат денови или да ни издаваат некој вид визи што не се лимитирани со број на денови.

– Новите правила ќе значат целосен колапс на економијата во државата, односно во целиот регион на Западен Балкан, вклучуваќи ја и Турција (држави што не се членки на ЕУ и на шенген-зоната), поради прекин на синџирот на снабдување. А транспортната индустрија во која има вложен огромен капитал и обезбедува прилив на ефективни странски пари во буџетот ќе биде целосно разнишана – укажува Муратовска. 

Протестот, истакнува, почнува на 26 јануари, а според реакцијата на ЕУ, ќе зависи дали ќе почне или ќе трае кратко, но сепак максимално траење на блокадите ќе биде седум дена, што е синоним за еден просечен циклус на превоз на стока.

– Со оваа блокада свесни сме дека ќе има одредени минимални финансиски загуби за сите, но сепак придобивките од ова, ако се реализираат нашите барања, ќе бидат огромни во однос на раст и развој на економијата во државата и во Западен Балкан – изјави Муратовска. (23 јануари 2026)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.