Скопје – Ние немаме таков луксуз да останеме во чекалната за зачленување во ЕУ, изјави министерот за европски прашања Орхан Муртезани, поосчувајќи дека во Брисел има многу голема посветеност и внимание за поддршка во однос на изнаоѓање решение за блокадата на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија.
Во однос на досега неисполнетата заложба на неговата коалиција Вреди дека за шест месеци по формирањето на Владата ќе се случат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот и немањето поинтензивна комуникација со новата Влада во Бугарија, Муртезани рече дека тој процес, сепак, ќе биде побавен од шест месеци.
– Не дека нема обиди за воспоставување контакти, но имајќи ги предвид нашите позиции и немањето никаква доверба, не е ни така лесно директно воспоставување на контактите. Не дека нема обиди, не дека нема комуникација, дури и со посредство на Европската комисија, но тој процес, сепак, ќе биде малку побавен од тоа кога баравме време од шест месеци, изјави Муртезани во интервју во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.
Како што рече Муртезани, секојдневно се занимаваат со процесот на евроинтеграцијата и дека „технички сме многу поинформирани околу сите потенцијални решенија“.
– Тоа што ние треба да го направиме е посветено секој ден да работиме на имплементација на реформите, бидејќи само така даваме сигнал дека сме сериозно заинтересирани, но и цело време да инсистираме за наоѓање брзо решение за да го искористиме моментот. Гледаме колку брзо се движи Албанија. Тоа што се случува со Албанија кај нас може да биде дури и трипати побрза динамиката на одење напред, истакна министерот за европски прашања. (16 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.