Скопје – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска во Хелсинки, во рамки на работната посета, имаше средба и со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, што претставуваше можност за продлабочување на дијалогот за европската иднина на земјата и регионот и за зацврстување на улогата на Финска како близок партнер во овој процес, информираат од Министерството.
На средбата биле реафирмирани пријателските билатерални односи, кои се карактеризираат со партнерство и заемна поддршка.Министерот Муртезани ја поздравил доследната улога и поддршка на Финска како дел од неформалната група во Советот на ЕУ „Пријатели на Северна Македонија“, што активно промовира соработка меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија.
Муртезани посочи дека интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, не е само национален приоритет, туку и политичка стратешка цел што испраќа порака на надеж за целиот регион.
Во таа насока, тој ја нагласил потребата за предвидлив и кредибилен пристапен процес кој ќе ги мотивира земјите-кандидати во имплементирањето на реформските агенди. Министрите се согласија дека Унијата не е цел сама по себе, туку механизам за создавање заеднички просперитет, стабилност и демократски вредности. Во разговорите било нагласено дека проширувањето е клучен инструмент за зајакнување на геополитичката релевантност на Унијата и за одржување на довербата на граѓаните од регионот во европската перспектива. (22 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.