Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Кај премиерот и Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност по изборите да се преземат конкретни чекори за надминување на спорот со Бугарија, изјави денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот фински колега Јоаким Странд.

Муртезани нагласи дека веќе има конкретни размислувања како да се направи тоа, но не сакаше да открие повеќе затоа што во моментов тече кампањата за локалните избори и напомена дека сето тоа може да се извади од контекст.

– Претседателот на Владата во неколку наврати јавно изјави дека по завршувањето на изборите, односно со почетокот на Новата година се очекува да има конкретни чекори во надминување на спорот со соседна Бугарија. Мислам дека во моментов, бидејќи се наоѓаме во изборна кампања се што ќе кажеме може да се стави во одреден контекст и да го наруши и да му наштети на процесот. Тоа што е битно и што е главната порака на ваквите изјави е дека кај премиерот и кај Владата постои сериозна одлучност и заинтересираност после изборите да се направат конкретни чекори за надминување на овој проблем, истакна министерот за европски прашања.

На средбата двајцата министри разговараме за клучните теми за иднината на земјава и регионот, при што Муртезани го информирал Странд за процесите поврзани со Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој, како што кажа не е само финансиски инструмент, туку и стратегија која ја приближува нашата економија и институциите до ЕУ и пред да станеме членка.

– Со усвојувањето на Реформската агенда ние како Влада се обврзавме на темелни реформи во владеењето на правото, ефикансоста на јавната администрација, дигитализацијата и енергетската отпорност. Тоа не се апстрактни поими, туку конкретни чекори, кои ќе донесат подобар квалитет на животот на граѓаните, рече Муртезани.

Тој изрази благодарнот за принципиелната и доследна поддршка, што Финска и ја дава на земјава, при што напомена дека финските искуства во повеќе сфери се од исклучително значење за нашиот пат кон ЕУ. (2 октомври 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.