Скопје – Не отфрлањето на нашиот предлог за одложено дејство на уставните измени од страна на претседателката на Европска комисија Урсула Фон дер Лајен, е знак дека се создава заеднички простор кој што треба многу внимателно и паметно да се искористи, за да дојдеме до решение, смета министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој вечерва во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител, коментирајќи ја денешната посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен на Скопје, порача дека Брисел сериозно ги сфаќа аргументите во врска со уставните измени. – Битно е дека нашите аргументи, дека уставните измени не треба да служат само за отпочнување на преговорите, туку дека после отворањето на преговорите процесот не треба да се билателизира до затворање, е клучниот аргумент кој што во Брисел сериозно се сфаќа и ова не е само наше барање, рече Муртезани.
Како што рече, пораките на Фон дер Лајен дека проширувањето на ЕУ е апсолутен приоритет, се пораки кои треба сериозно да ги сфатиме и да го придвижиме процесот на евроинтеграции.
– Самиот чин со посетата на регионот и пораките дека проширувањето е апсолутен приоритет не нејзиниот мандат, мислам дека се пораки кои ние треба да ги сфатиме и врз основа на тоа треба да го придвижиме процесот на евроинтеграции. Клучниот момент според мене, е не отфрлувањето на нашиот предлог со одложено дејство од страна на претседателката. Тоа е знак дека се создава заеднички простор, кој што треба многу внимателно и паметно да се искористи, за доаѓање до решение, додаде Муртезани.
Тој додаде дека имаме поддршка од многу европски земји, но подвлече дека процесот треба билатерално да се иницира со Бугарија. – Се додека не завршат изборите во Бугарија, нема јавно да нудиме предлог, бидејќи сметаме дека тоа може да се користи за изборни цели, додаде Муртезани. (24 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.