Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Дијалогот, граѓанското општеството и младите не се само привилегија, туку тие се суштински столбови на демократска Европа во процесот на проширувањето, истакна денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани по неговото учеството на Форумот за проширувањето на ЕУ насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“ во Брисел. 

– Северна Македонија е подготвена да продолжи да чекори по европскиот пат во ваквиот дух и со обновена национална решителност. Денешните дебати уште еднаш ја потврдија очигледната, но често занемарена вистина дека процесот на проширување не е геополитичка алатка, туку морална посветеност. Посветеност кон демократијата, дијалогот и достоинството на секој европски граѓанин, без оглед на границите, историјата или јазикот што го зборува, рече Муртезани. 

Муртезани нагласи дека во пристапниот процес земјава мина долг пат обележан со истрајност, реформи и со непоколебливо уверување дека Европската Унија, пред се, е Унија на вредности, но дека сепак има и моменти кога се потсетуваме оти принципите мора да се бранат подеднакво решително, како и границите. 

– Проширувањето не смее да стане заложник на идентитетски политики, туку мора доследно да се придржува до Копенхашките критериуми – јасни, фер и применливи за сите. Ќе продолжиме да го даваме нашиот придонес преку спроведувањето реформи, градењето институции и негувањето на социјалниот дијалог. Истовремено, цврсто сме уверени дека Европската Унија за која веруваме дека е изградена врз правда, почит и инклузија, исто така ќе продолжи да дава свој придонес кон нашата заедничка европска иднина, истакна Муртезани. 

Во однос на Планот за раст на Западниот Балкан, Муртезани нагласи дека тој е инструмент што треба да им помогне на земјите кандидати за членство да ја постигнат крајна цел – полноправно членство во Европската Унија, но исто така помага не само во борбата против евроскептицизмот, туку и им овозможува на граѓаните на овие држави да почувствуваат некои придобивки што претходно беа предвидени исклучиво за граѓаните на членките на Европската Унија.  

– Мислам дека тоа ќе претставува дополнителна поддршка и политички капитал за европската интеграција. Само би сакал да додадам дека постепената интеграција е важна, но никогаш не може да биде замена за полноправно членство, рече Муртезани. (17 јули 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.