Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска на седницата на Националниот совет за евроинтеграции порача дека Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан повеќе не е документ на хартија, туку дневна обврска на институциите и техничка рамка на конкретни реформи во повеќе сектори. Муртезани истакна дека повеќе не сме држава која само ја планира европската интеграција, туку ја спроведува истата. 

– Денеска зборуваме од позиција на конкретни резултати. Зборуваме од позиција на искуство, одлучност и структурирана работа која ја трансформира реалноста. Северна Македонија повеќе не е земја што само ја планира европската интеграција, ние веќе ја спроведуваме. Нашата Реформска агенда за периодот 2024 – 2027, која произлегува од Планот за раст за Западен Балкан, веќе не е документ на хартија, таа е дневна обврска на институциите, мапа на движење на политичката визија и техничка рамка на конкретни реформи што го менуваат начинот на функционирање на јавниот сектор, деловната заедница, судството, образованието и енергетиката. Северна Македонија веќе го доби признанието од Европската Унија како прва земја од регионот што доби предфинансирање согласно Планот за раст. Тоа не е симболичен гест, туку директно признание дека оваа Влада знае како да креира, презентира и спроведува реформи кои се кохерентни, кредибилни и мерливи, истакна Муртезани на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на тема „Статус на реализација на Реформската агенда 2024-2027 на Република Северна Македонија, идни чекори и предизвици“.

Министерот нагласи дека реформите се веќе на терен и дека имплементацијата на Реформската агенда во 2024 година се одвивала со целосно зачуван континуитет и покрај политичката транзиција.

– Како потврда на нашата водечка улога во регионот во овој контекст, веќе поднесовме барање за ослободување на 17,1 милиони евра од ЕК. Овие мерки се само дел од Реформската агенда, која носи дополнителен финансиски поттик од 750 милиони евра за Северна Македонија. Дел од овие средства се за директна буџетска поддршка, а значителниот дел е наменет за инвестициски проекти и социо-економски развој, со јасна врска меѓу реформите и подобрување на животниот стандард на граѓаните, потсети Муртезани.

Паралелно, како што дополни, веќе се работи на 16 нови чекори со рок до јуни 2025 година, со вредност над 70 милиони евра, кои опфаќаат четири приоритетни области: енергетика, дигитална трансформација, деловно опкружување и владеење на правото.

Министерот за европски прашања додаде дека Реформска агенда не е инструмент што се подготвува за надворешна употреба, туку е национална рамка за структурни реформи, во согласност со европските политики, но насочена кон домашна трансформација.

-Агенда за ефективна администрација, транспарентни институции, инклузивно образование и економија што е усогласена со европскиот пазар. Нашата европска иднина не е проекција, таа е тековна реалност, која ја градиме со секој донесен акт, секој успешно спроведен процес и секоја партнерска иницијатива што ја движи Северна Македонија напред, заклучи министерот во своето обраќање. (26 мај 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.