Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани ја предводи делегацијата на Република Северна Македонија на Форумот на ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР), кој во рамки на грчкото претседавање, од денеска до 7 мај 2025 година се одржува на островот Крит.

Како што соопшти Министерството за европски прашања, Северна Македонија официјално ќе го преземе претседавањето со Јадранско-јонската иницијатива од Грција, првпат откако земјата стана дел од овие формати за регионална соработка.

Покрај церемонијата на примопредавање, министерот Муртезани, како што е најавено, ќе учествува и на Панелот на министри за фондови на ЕУ и на министерскиот состанок, како дел од пошироката агенда на Форумот посветена на зајакнување на регионалната соработка, поврзаност и интеграција во Јадранско-јонскиот регион.

Претседателството на Северна Македонија со ЕУСАИР и Јадранско-јонската иницијатива започнува на 1 јуни 2025 година и ќе трае една година. (5 мај 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.