Скопје – Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија. Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ.
Ова го порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на отворањето на регионалната конференција „Стратегиските приоритети на НАТО, ЕУ и Југоисточна Европа во мултиполарниот меѓународен поредок”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка МНРиТ, и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел.
– Денес живееме во геополитичка средина во која заканите се динамични, меѓусебно поврзани и најчесто непредвидливи. Рускиот агресивен милитаризам, засилен со хибридни и кинетички закани насочени кон сојузниците, продолжената закана од тероризмот, системскиот предизвик од подемот на Кина, како и хибридните операции и кибер-нападите, ја редефинираат стратешката рамка врз која НАТО ги темели своите политики и одговори. Овие фактори не се само безбедносни предизвици, туку суштински дипломатски предизвик за зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила, изјави Муцунски.
Војната во Украина, нагласи Муцунски, е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна.
– Ревизионистичките цели на Москва, поддржани од нејзините овозможувачи бараат јасен, координиран и принципиелен одговор, заснован на единство и долгорочна стратешка усогласеност, изјави Муцунски.
Сепак, како што посочи Муцунски, четири години по почетокот на инвазијата, последиците врз европската стабилност се значајни и во такви околности, обврска и висок приоритет е на сите демократски држави да демонстрираат единство и решителност.
– Во време на глобални превирања, стратешкото единство не е политички избор, туку безбедносна неопходност, нашата заедничка сила произлегува од солидарноста, предвидливоста и доследноста на нашите политики. Убеден сум дека токму сега е моментот да демонстрираме стратешка визија, интегриран пристап и политичка одлучност, што ќе обезбеди стабилна и просперитетна иднина за целата европска заедница, заклучи Муцунски. (26 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
