Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во новогодишната видео честитка порачува дека фокусот во 2025 година ќе биде евроинтеграцијата на државата, придонесот во НАТО и цврстото партнерство со САД.

Тој наведува дека изминатата година била исполнета со предизвици, но и со значајни успеси, наведувајќи голем број билатерални средби, зајакнатиот углед на државата, активен придонес во меѓународните организации, развивање на силни партнерства, како и придонес во глобалната политика мир и безбедност.

– Чекорејќи по патот што успешно го трасиравме минатата година, во 2025 година ќе продолжиме да градиме партнерства, преку дијалог да бараме решенија на отворените прашања и со меѓусебна почит и разбирање да останеме кредибилен меѓународен партнер. Евроинтеграцијата и понатаму останува во фокусот како и нашиот придонес во НАТО и цврстото партнерство со САД, вели Муцунски во видео честитката објавена на неговиот официјален фејсбук профил.

Муцунски притоа подвлекува дека дијалогот е основа на дипломатијата. – Дијалогот е клучот за дипломатијата, а таа пак се заснова нa преговарање, иновации и неуморно барање политички решенија кои поттикнуваат мир и стабилност. Во тој дух, ви посакувам Новата година да донесе здравје, радост, меѓусебно почитување и успех на приватен и професионален план, порача министерот Муцунски. (1 јануари) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.