Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Многу е значајно што во ЕУ постои сериозен импетус за проширување кон целиот регион на Западниот Балкан, изјави за МИА министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на крајот на неговата дводневна работна посета на Брисел. 

– Постојат повеќе иницијативи. Една од тие иницијативи е онаа за гласање со квалификувано мнозинство во Советот кога се во прашање одредени фази од проширувањето. Факт е дека големо мнозинство од земјите членки и европските институции во целост го делат ставот дека проширувањето треба да биде засновано на принципот на постигнувања, изјави Муцунски. 

Сепак, според него, факт е и тоа што ни случува нам во пристапниот процес со години наназад, па затоа охрабрување претставуваат пораките како денешната при презентацијата на извештајот по Стратегијата за проширувањето на ЕУ дека билатералните прашања не смеат да се користат како лост за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати за членство. 

– Тоа е нешто што не радува, но ние, исто така, треба да сме свесни за реалноста што постои, а тоа е фактот дека се уште сме блокирани од страна на една земја членка во отпочнувањето на преговорите. Истовремено, факт е дека треба да ја вложиме сета наша енергија врз основа на добра верба и да имаме насоченост кон изнаоѓање решенија за сите предизвици, но секако, ќе го повторам и тоа што е конзистентен став на Владата повеќе месеци, дека решенијата на билатералните предизвици никако да не бидат решавани така што ќе задираат или ќе ги доведат во прашање македонскиот идентитет, јазик и културна посебност, истакна Муцунски. (20 ноември 2025

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.