Скопје – Оваа 2025 година одбележуваме, за жал, еден многу неславен јубилеј, 20 години од стекнување на кандидатскиот статус. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на денешниот работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија акредитирани во земјава.
– Сите сме целосно свесни за сложените геополитички предизвици со кои се соочува Европа, но и светот. Во време на извесности, европската интеграција на Западниот Балкан претставува геотстратешка неопходност, која ќе придонесе за зајакнување на мирот, стабилноста и безбедноста на континентот. Ние ќе продолжиме со својата улога како конструктивен партнер, и пример во регионот, посветени на градење на добрососедски односи и регионална соработка. Ве уверувам дека нашиот фокус како Влада ќе биде уште посилно завртен кон спроведување на реформите во клучните области како владеењето на правото и правосудството, посветена и неселективна борба против коруцијата особено онаа од висок профил, унапредување на ефикасноста на институциите, реформата на јавната администрација и секако зајаканување на економските капацитети на државата, рече Муцунски.
Тој нагласи дека ваквата посветеност ќе продолжи во однос на обврските од Реформскаста агенда и реализација на целите на Планот за раст како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата и целиот регион кон ЕУ.
Сепак, потенцира министерот Муцунски, процесот на пристапување кон ЕУ треба да остане кредибилен, заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост. Напредокот кој го постигнуваме, додаде, мора да биде препознатлив, а поддршката од земјите членки е клучна во одржување на довербата во европската перспектива.
Тој очекува земјава конечен да почне со пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година. – Се надевам и очекувам дека во 2025 година ќе направиме крупни чекори кон натамошно усогласување со европските стандаради и конечен почеток на процесот на преговори преку отворање на првите преговарачки области и поглавја. Заедно со вас, преку редовен дијалог и партнерство, убеден сум дека можеме да ги оствариме овие амбициозни цели, рече Муцунски изразувајќи очекување за успешна соработка во претстојната година. (15 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.