Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на маргините на Минхенската безбедносна конференција оствари средба со неговиот бугарски колега Георг Георгиев, на која, според МНР, станало збор за билатералните разлики, блокадата на европскиот пат на државата од страна на Софија и за положбата на македонското малцинство во Бугарија.

Во изјава за јавниот радиодифузен сервис, Муцунски истакна дека со Георгиев разговарале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство. – Ние сакаме процес којшто е предвидлив, којшто има јасен почеток и јасен крај. Ние како Влада нема да прифатиме под уцена или под притисок какво било решение или каков било компромис. Секој компромис треба да соодвевствува со реалноста во којашто живееме и со европските вредности за кои Европа постојано на сите нас во целиот регион ни зборува, изјави Муцунски. 

Министерот додаде дека со Георгиев зборувале за потребата од деблокирање на нашиот пат кон полноправно членство. – Зборувавме за потребата од јасен и предвидлив пат којшто е во рамките на европските стандарди и принципи. Зборувавме за потребата од примена на соодветни малцински права во соседна Бугарија, посебно во делот на потребата од примена на пресудите од Европскиот суд за човекови права. Кога Европа нас ни зборува за примена на европски вредности, соодветно е и ние да ги одбраниме нашите позиции, односно позициите на сите Македонци кои живеат во која било земја во светот, вклучително и во соседна Бугарија, нагласи Муцунски.

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, претходно соопшти дека на средбата Муцунски изразила жалење што „наместо развој на добрососедската политика, односите меѓу двете земји остануваат оптоварени со билатерални спорови, кои станаа непринципиелна пречка на македонскиот евроинтеграциски процес“. – Притоа, тој истакна дека сите отворени прашања треба да се решаваат одговорно, преку дијалог и со заемна почит и разбирање, бидејќи добрососедските односи, покрај другото, подразбираат и поддршка за европските интеграции како стратешка определба на државата, се наведува во соопштението на Министерството. (16 февруари) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.