Брисел, 26 јуни 2024 (МИА) – Реформската агенда, очекувањата коишто ЕУ ги има од нашата земја, реформите што треба да се испорачуваат и реализацијата на Планот за раст на западниот Балкан, беа главни теми на денешните средби на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Брисел со претставниците на институциите на Европската Унија.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Муцунски се сретна со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и пристапни преговори (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман, како и со европратениците Дејвид Мекалистер, Тинeке Стрик и Илхан Ќучук.
– Им се заблагодарив на членовите на Европскиот парламент за поддршката која што тие ја дадоа за Планот на раст, што неодамна беше усвоен и којшто ќе биде многу значаен за целиот регион. Клучните прашања што ги отворавме се очекувањата што ги имаат тие од државата, но и очекувањата коишто ние ги имаме од ЕУ за што е потребно и таа да испорача за да го задржи тој кредибилитет во нашиот регион, истакна Муцунски по средбите во Брисел.
Во однос на обврските што треба да ги исполни земјава од страна на претставниците на ЕУ биле посочени реформите во делот на владеењето на правото и јавната администрација, како и борбата со високата корупција.
– Има и некои прашања коишто се во доменот на политичките очекувањата, при што ние ги претставивме ставовите на Владата, коишто се инкорпорирани и во владината програма и беа дел од ставовите на политичките партии коишто добија мнозинство од граѓаните на последните избори, рече Муцунски.
На средбата во Европската комисија со генералниот директор на НЕАР, Копман станало збор за реформите, кои ЕУ очекува де ги спроведе земјава.
– Голем дел од средбата ја поминавме зборувајќи за Планот за раст којшто е навистина сериозен фокус тука во Брисел и таа беше во една позитивна атмосфера. Сакам да верувам дека таа атмосфера ќе продолжи и во идниот период, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија.
Во врска со тоа кога земјава ќе може да ја очекува првата транша од финансиските средства предвидени со Планот за раст на Западниот Балкан, Муцунски истакна дека не би можел да прејудицира кога ќе се случи тоа.
– Сепак крајната одлука за тоа ќе се носи во Брисел. Поставена е рамката за Реформската агенда. Во активна комуникација сум деновиве примарно со претседателот на Владата Мицкоски, но комуницираме заеднички и со некои од клучните министри коишто имаат надлежности во делот на Реформската агенда и тоа што треба да прифатиме не само како реформи, туку и како рокови поврзани со тие реформи. Со премиерот сметаме дека тоа е едно од првите конкретни исчекори којшто ќе може Владата да го даде во процесот на европска интеграција, но да оставиме да видиме во следните неколку денови, би рекол и следната недела, како ќе се развива тој процес. Сакам да очекувам дека позитивно ќе се развие и има некоја најава за што е можно побрза динамика на првата транша, но сепак тоа не е одлука на земјите од Западниот Балкан, тоа е одлука која што ќе се донесе тука во Брисел, додаде Муцунски.
Тој нагласи дека со оваа негова прва работна посета во странство по стапувањето на должност е отворен дијалогот на новата Влада со претставниците во Брисел, при што најави дека во следниот период во официјална посета белгискиот главен град ќе допатува и премиерот Христијан Мицкоски. (26 јуни)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.