Атина – Проширувањето на Европската унија кон Западниот Балкан не е неопходност за Унијата само од економски и трговски причини, туку е неопходност за политичка и безбедносна стабилност на европскиот континент, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски за време на неговото учество на Делфи економскиот самит во Грција, истакнувајќи дека во ЕУ постои јаз меѓу ветувањата и исполнувањата, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на дипломатијата говореше за ЕУ перспективата на земјава, за односите со САД и за трансатлантската соработка, додека пак неговото обраќање го започна со благодарност до Грција и грчкиот народ за помошта за нашата земја по трагичниот пожар во дискотеката во Кочани, заблагодарување што со аплауз беше поздравено од присутните.
На Панел-дискусијата на тема: „Дали ЕУ – САД алијансата е надвор од поправка?“ шефот на дипломатијата рече дека САД се огромен инвеститор и на политичка и на безбедносна, но и на економска стабилноста во регионот.
– Опасноста од интеракција меѓу Кина, Русија, Иран и Северна Кореја е нешто што не сме го сфатиле доволно сериозно и тоа го велам и од политичка, безбедносна, но и од економска и трговска перспектива. Овие земји, од американската влада, би рекол дека се гледаат како стратешка конкуренција и стратешка закана, посочи министерот и додаде дека во Европа постојат различни пристапи и на тоа како на пример се гледа кон Кина.
Муцунски рече дека НАТО го менува својот пристап за многу работи и „се менува за да стане посилна алијанса, а не послаба Алијанса“, истакнувајќи дека САД инвестира во стабилноста, но секоја од земјата треба да покаже одговорност и да ги идентификува заканите и од европска, и од регионална и од глобална перспектива.
Говорејќи за нашата европска перспектива, ги потсети присутните дека оваа година се навршуваат 20 години од кандидатскиот статус, а сè уште не се почнати преговорите, истакнувајќи дека „сме жртва на билатерални критериуми одново и одново“. Истакна дека ЕУ дозволува да постои вакуум на Западен Балкан, а тоа е поради „јазот помеѓу обврските и испораката односно меѓу ветувањата што ги има дадено во нашиот регион и недостатокот на испорака“ со што според министерот, дозволува влијание на одредени актери како што се Русија и Кина.
– Пораката што ја испраќаме до Брисел и до земјите членки е дека е неопходно да се најде опиплив пат за Западен Балкан да оди напред и начин да се затвори јазот помеѓу обврските, многуте прозорци на можност што ни беа ветени во минатото, фраза што често се употребува, сега е можноста, сега е моментумот, но испораката од Европската Унија секогаш недостигаше. Од оваа перспектива, она што би можел да го кажам е дека еден од најсилните опипливи поддржувачи на проширувањето на Европската унија отсекогаш биле Соединетите Американски Држави и е нешто што треба да го имаме предвид. Да, САД не се членки на ЕУ, но Соединетите држави имаат интерес во стабилноста на регионот, порача шефот на дипломатијата. (10 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.