Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје „Францускиот предлог плус“ е надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба, со цел ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за националниот радиодифузен сервис МРТ1

Тој посочи дека тоа не значи оти некоја земја членка нема да може да не блокира на европскиот пат по однос на неиспорачување реформи во делот на јавните финансии или владеењето на правото, но ќе престанат билатералните барања кои што не влечат повеќе од 30 години.

– Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија, на начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас, туку и кон регионот. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред, изјави Муцунски.

Според него, ако има желба кај земјите од ЕУ ќе се најде начин да се убеди членка којашто прави проблем, доколку тоа е стратешко прашањето. Прашањето е, како што вели тој, дали ЕУ е искрена дека сака да се прошири кон Западниот Балкан, а тој „верува дека е искрена“.

За патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Брисел неделава, Муцунски изјави дека тој пред претставниците на ЕУ ќе го повтори и презентира сето она за кое што е разговарано во последниот период. –  Тоа што ќе го каже Мицкоски е тоа што го кажуваме подолг период на средбите со нашите меѓународни партнери. Ние сакаме решение, сакаме конструктивни и добри односи, но истовремено не сме за решение по секоја цена, затоа што такво решение не е ниту во наш интерес, ниту во интерес на европските чинители, изјави Муцунски.

Според медиумските информации, „Францускиот предлог плус“ предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ, со тоа што би стапиле во сила на крајот од преговарачкиот процес. Со ова, според  неофицијални информации од МНР, е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјата на европскиот пат. (16 септември)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.