Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Народната банка, со поддршка од Европската Унија, започна со реализација на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“, чија цел е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.

Проектот се состои од две клучни компоненти: статистика и платни системи – области коишто претставуваат темел на монетарната политика и модерната финансиска инфраструктура.

Гувернерот на Народната банка Трајко Славески во своето обраќање истакна дека крајната цел на проектот е да се обезбедат структурирани, „прочистени“ и стандардизирани  податоци, коишто ќе бидат корисни за носење соодветни одлуки засновани на информации, но и податоци коишто ќе бидат од значење за истражувачите, аналитичарите, новинарите, како и за секој граѓанин и институција чиишто очекувања се транспарентни и точни информации.

– Новото технолошко решение ќе овозможи модерен и автоматизиран модел за складирање и организирање на податоците што се неопходни за изготвување на билансот на плаќања, странските директни инвестиции и на меѓународната инвестициска позиција, рече Славески.

Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека ова не е само технички проект, туку инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем.

– Приклучувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина, потенцира Рокас.

Проект е значаен чекор кон модернизација на Народната банка и приближување кон европските стандарди, со директни придобивки за граѓаните, компаниите и целокупната економија. (24 септември 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.