AFP, ANP, ANSA, BTA, CTK, dpa, EFE, Europa Press, HINA, Lusa, MIA, Ritzau, STA, TASR, TT
На самитот на НАТО во Хаг се разговара за предложената цел да се покачат безбедносните трошоци на 5% од бруто домашниот производ до 2032.
Предлогот на шефот на НАТО Марк Руте е да се постави цел од 3,5% од БДП на основни трошоци за одбрана и од 1,5% од БДП на инвестиции поврзани со одбраната и безбедноста, на пример, во инфраструктура и во индустрија. Сегашната цел на НАТО за одбранбените трошоци е 2% од БДП.
Иако многу европски земји го зголемуваат буџетот на војската, не се согласуваат сите околу ова нагло покачување – и покрај значителниот пораст на вооружени конфликти низ светот.
Лани имало повеќе воени конфликти во кои биле вмешани влади или државни војски од кога било претходно во изминатите седум децении, се вели во еден извештај на Институтот за мировни истражувања во Осло.
„Ова не е само мал пораст – ова е структурна промена. Денешниот свет е далеку понасилен и далеку пораспарчен од што беше пред една деценија“, вели Сири Аас Рустад, директорката за истражувања во институтот и главната авторка на извештајот.
Според проценките, околу 129.000 луѓе загинале во вооружени битки во 2024, од кои повеќето дел од руската инвазија на Украина (76.000) и војната во Газа (26.000), стои во извештајот.
Самитот на НАТО се одржува имајќи ја предвид оваа ситуација и засилената воена активност меѓу Иран и Израел, а и барањата на претседателот на САД Доналд Трамп од европските држави да трошат повеќе на одбраната.
Германија: Зголемените буџети оправдани со оглед на сѐ поголемите закани
Германскиот министер за финансии покажа подготвеност за покачување на државните одбранбени трошоци на 3,5% од БДП во наредните години.
„Светот постојано се менува во изминативе три-четири години и мојот врвен приоритет е да ја осигураме безбедноста на луѓето“, рече Ларс Клингбајл минатиот понеделник. „Сега ни треба поголема инвестиција за да го постигнеме тоа“, рече Клингбајл. „Ако тоа значи 3%, ќе одвојуваме 3%; ако значи 3,5%, ќе одвојуваме 3,5%.“
Германија првично ќе троши на одбраната 2% од БДП годинава, според Клингбајл, но износот ќе расте. „Мислам дека бројките ќе бидат значително повисоки“, рече пред самитот на НАТО.
Клингбајл, кој е член на централно-левите социјалдемократи, предупреди и дека дебатата не треба да се врти само околу бројките.
Франција: Не се фокусирајте на бројките
Францускиот претседател Емануел Макрон пред еден месец ги изрази своите фрустрации во врска со дебатите во НАТО околу одбранбените трошоци, истовремено повторувајќи ја целта на Франција од 3,5% од БДП „за претстојните години“.
„Посветеноста на армијата не се мери според потрошените пари, туку според имињата врежани на воените споменици и на тие што загинале“, рече тој во Тирана, Албанија, на една конференција за печат.
„Не ми се допаѓа дебатава меѓу сојузниците што гледаат само во бројките. Знам многу земји во Европа што изгубиле многу војници на бојното поле и ги посветиле своите животи заедно со другите“, додаде.
„Па ќе кажам многу јасно: Целта од 3,5 проценти од бруто домашниот производ е добра цел за претстојните години, но ова нема да се постигне за шест месеци и мора да се спроведе темелно и доследно.“
Франција во мигов одвојува околу 2% од својот БДП за воени трошоци.
Италија: Согласна, но далеку од целта
Минатата недела, министрите за надворешни работи и дипломати од Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Полска, Шпанија, Украина и ЕУ се сретнаа со шефот на НАТО, Марк Руте. Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, кој беше домаќин на состанокот, а чија земја троши 1,5% од БДП на одбраната, рече дека е „многу задоволен“ од планот на Руте за одбранбени трошоци.
„Ние сме за поголеми трошоци на безбедност, но ни треба време“, рече Тајани. „Рековме дека ни се потребни најмалку десет години за да се постигнат новите цели.“
Во заедничка изјава по состанокот, министрите за надворешни работи на Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Полска, Шпанија, заедно со високата претставничка на ЕУ Каја Калас, ветија дека ќе го дадат својот придонес.
„Европските земји мора да имаат уште поголем удел во осигурувањето на сопствената безбедност“, рекоа. „Самитот на НАТО во Хаг ќе го покаже нашето единство, засновано на трајна трансатлантска врска, цврста заложба да се браниме едни со други и праведно да ги распределиме обврските.“
Шпанија: Против предлогот
Шпанскиот премиер Педро Санчез во четвртокот писмено го информира генералниот секретар на НАТО Марк Руте дека неговата земја е против новата цел.
Санчез напиша дека предложеното покачување е „не само неразумно, туку дури и контрапродуктивно“ за неговата земја и изрази загриженост дека е некомпатибилно со одржувањето на силна социјална држава.
Затоа, според него, Мадрид „нема да може да се обврзе на конкретна цел во врска со трошоците“ на самитот на НАТО во Хаг. Тој бара ваквата цел да биде по сопствен избор или да се воведе одредба за Шпанија да може да се изземе.
Шпанија е една од земјите членки на НАТО што инвестираат најмалку во одбраната и покрај тоа што владата на Санчез се обврза да ги зголеми воените трошоци на 2% од БДП до 2025.
Пред да се објави веста за писмото на Санчез до Руте, Феликс Артеага, специјалист за одбрана во Кралскиот институт Елкано во Мадрид, рече дека ставот на малцинската левичарска коалициска влада е определен од „внатрешни политички причини“.
Санчез мора да балансира меѓу усогласување со сојузниците во НАТО и одоброволување на коалицискиот партнер од крајната левица, предизборната коалиција Сумар, непријателски настроена кон покачувањето на воените трошоци.
Поголемото растојание на Пиринејскиот Полуостров од Русија во споредба со источноевропските земји како Полска „ја намалува загриженоста и итноста… Ние не се чувствуваме загрозени, не сакаме да влегуваме во вооружени конфликти“, рече Артеага.
Вели и дека „владата мора да им објасни на шпанските граѓани дека треба да покажат солидарност“ со земјите од северна и источна Европа.
Данска: Тивка трансформација
Како една од земјите членки на НАТО што порано најмалку трошеле на одбраната, Данска направи брз пресврт. Премиерката Мете Фредериксен потсети дека трошоците за одбрана изнесувале само 1,3% од БДП кога таа ја презела функцијата во 2019. Денес, Данска е на добар пат да надмине 3% годинава и се обврзува да ја достигне целта од 5% предложена од Руте.
Холандија: Домаќин и поборник
Холандскиот парламент е главно согласен околу исполнување на новата цел за одбранбени трошоци, но има несогласици околу тоа како треба да се финансира.
Парламентарните избори се закажани за октомври откако сегашната коалициска влада се распадна по повлекувањето на крајно десничарската ПВВ. Техничката влада ќе ѝ остави на новата влада да реши како ќе се финансираат новите одбранбени трошоци.
Португалија: Го надоместува пропуштеното
Португалија, една од земјите основачки на НАТО, долго време недоволно инвестираше во одбраната во споредба со другите членки. Земјата има крајно неразвиена индустриска база, стара воена опрема и одлив на воени лица.
Премиерот Луиш Монтенегру, поради меѓународни притисоци, неодамна ја помести целта од 2% на одбранбени трошоци од 2030 на 2025. Сепак, португалските власти признаваат дека постигнувањето на целта од 5% ќе остане амбиција на долг рок.
Чешка: Севкупна согласност
Чешката Република е една од земјите што го поддржуваат предлогот за зголемување на одбранбените трошоци.
Прага ја смета Русија за најсериозна директна закана за евроатлантската област и затоа го поддржува зајакнувањето на одбранбената индустрија.
„Конкретно, Чешка, која е земја опкружена со сојузници во НАТО, главно служи како транзитна рута и дава поддршка како земја домаќин. Што подразбира многу логистички барања и секаква поддршка на војската во движење“, рече претседателот Петр Павел минатиот месец.
„Трошоците што секако би морале да ги направиме за да ги подобриме сите транспортни рути низ Чешката Република всушност ќе се вбројат во овие 1,5%. Затоа, мислам дека нема да биде премногу тешко да го постигнеме тоа ниво на трошоци“, додаде.
Словачка: Претпазлива и колеблива
Во време кога производителите на оружје весело си ги тријат рацете, а Европа зборува за војна, неутралноста би била најдобра за Словачка, според премиерот Роберт Фицо. Тој, исто така, фрли сомнеж врз членството на Словачка во НАТО.
Напиша на социјалните мрежи дека Словачка мора да биде цврст застапник на мирот и не треба да влегува во никакви воени авантури. „За жал, уште една светска војна е на повидок. НАТО е како палка за голф. Ако сакате да играте, мора да платите членарина. САД решија да го зголемат своето членство на 5% од БДП. Иако ова е ирационално во време на фискална консолидација и градење социјална држава, исто така е реалноста со која се соочуваме“, рече.
Претседателот Петер Пелегрини, сојузникот на Фицо, првпат му се спротивстави на премиерот, нарекувајќи го „експерт за преплавување на јавниот простор со тема за која сите ќе разговараме 20 дена без да стигнеме до никаков резултат“.
Рече дека Словачката Република нема да го поткопа единството на самитот на НАТО во Хаг.
Северна Македонија: Силно посветена
Буџетот за одбрана на Северна Македонија за 2025 е 329 милиони евра, што е повеќе од 2,5% од БДП, а над 32% (106 милиони евра) од него се наменети за модернизација и опрема.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски рече дека многу земји членки на НАТО веќе почнале да планираат како да достигнат 3,5% од БДП за одбраната во следните десет години. „Ние исто така ќе работиме, ќе ги подобриме сите наши документи, заеднички ќе го направиме тоа со сите институции и за во наредниот период, полека, со текот на годините, да расте и буџетот на државата, што е многу важно за да биде поголем и буџетот на министерството“, изјави Мисајловски за МИА.
Словенија: Постепено покачување на трошоците
Словенечкиот парламент неодамна го одобри планот за зголемување на трошоците за одбрана на 2% од БДП годинава, со постепено зголемување на 3% до 2030.
Ова е и покрај тоа што помалата левичарска партија во владината коалиција повика на консултативен референдум за зголемувањето. Словенечкото собрание следниот месец ќе гласа дали да се послуша овој повик.
Една анкета, спроведена за весникот Дневник од страна на агенцијата Нинамедиа, објавена на 16 јуни, покажа дека мнозинството Словенци, 53 отсто, го поддржуваат планот на владата да ги покачи одбранбените трошоци на 2% од БДП годинава.
Меѓутоа, јавното мислење е понеусогласено во однос на понатамошни покачувања, а против предлогот за постепено зголемување на трошоците за одбрана на 3% од БДП до 2030 се 49 отсто од анкетираните.
Според најновите проценки на НАТО, Словенија минатата година потрошила 1,37% од БДП на одбраната.
Во однос на новата цел за одбранбени трошоци на 5% од БДП, Словенија е во групата земји членки што се залагаат за подолг рок за таа да се постигне, т.е. до 2035.
Хрватска: Од 2% на 3% до 2030
Откако неодамна го достигна прагот од 2%, Хрватска си постави цел да одвои 3% од БДП за одбраната до 2030. Премиерот Андреј Пленковиќ истакна дека Хрватска ги зголемила одбранбените трошоци за повеќе од 200 отсто во споредба со 2016.
Шведска: Јасна и обединета
Во Шведска, сите осум партии во парламентот се обединети во ретко видена сепартиска поддршка за одбраната. За да се постигнат новите цели на НАТО, ќе се потрошат 300 милијарди шведски круни – приближно 27 милијарди евра.
„Ќе си ја заштитиме земјата и ќе изградиме одбранбен капацитет со другите. За волја на вистината, сè се сведува на тоа нашите внуци и деца да не бидат присилени да учат руски“, изјави министерката за финансии Елизабет Свантесон на една конференција за печат во четвртокот во Стокхолм.
Наоружувањето со нова опрема ќе се финансира преку заеми.
Шведска веќе драстично ја засили одбраната во последните неколку години, зголемувајќи ги трошоците повеќе од двапати во споредба со средината на 2010-тите.
Бугарија: Подготвена да троши повеќе
Одбранбените трошоци на Бугарија ја достигнаа целта од 2% од БДП во 2024. И покрај тоа, министерот за одбрана Атанас Запрјанов нагласи дека моменталните ресурси во овој сектор се недоволни не само за вооружување и модернизација, туку и за решавање на проблемот со пополнување на работните места за војници.
Владата сега се стреми да ги покачи одбранбените трошоци на најмалку 2,5-3%, со цел да достигне 3,5% од БДП до 2032 како минимум за успех во напорите за модернизација на земјата.
Во мај, Бугарија беше една од 16-те земји членки на ЕУ што побараа да им се дозволи привремено да се одречат од правилата за стабилност на буџетот за да одвојат повеќе за одбранбените трошоци.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.
