Скопје – На полноќ истекува преодниот период од пет години, односно одредбата од Договорот од Преспа, со која ќе престанат да важат патните исправи и документи за меѓународна употреба, што го содржат старото име на државата.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи во петокот на брифинг за медиуми кажа дека граѓаните кои што се затекнати во странство по 12 февруари, а се со стари патни исправи, ќе можат да се вратат во државава со патен лист, кој се издава во дипломатско-конзуларните претставништва.
Договорот од Преспа стапи во сила на 12 февруари 2019 година со што важноста на пасошите со старото име истекува пет години подоцна, односно на 12 февруари годинава. (12 февруари)
Мерис: Работна група во ЕУ идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа за патните исправи
Скопје – Амбасадорот на Белгија за Северна Македонија, Фредерик Мерис најави дека работна група во ЕУ идната недела ќе расправа како да ја имплементира одредбата од Договорот од Преспа, според која од 13 февруари сите пасоши мора да го содржат името Република Северна Македонија.
Мерис во интервју за „Независен“, објавено денеска, оцени дека ќе биде лошо ако ЕУ нема заедничка позиција околу имплементацијата и ако земјите членки поединечно одлучуваат како да ги третираат македонските граѓани со невалидни пасоши.
– Не знаеме се уште како Белгија ќе ја имплементира промената и како ќе ги третира вашите граѓани без валиден пасош, се уште немаме конкретен одговор на тоа. Сепак, тоа е дел од одговорноста на претседателството на ЕУ. Ние ќе имаме состанок на почетокот на неделава што доаѓа на европско ниво. Има работна група во рамките на ЕУ која се справува со вакви прашања и ќе работиме за да утврдиме заедничка позиција за земјите членки, вели Мерис. (11 февруари)
Маричиќ: Соработката со САД е солиден темел за исполнување на европската агенда на Северна Македонија
Скопје – Северна Македонија има стратешки дијалог со САД, како и посебни форми на соработка, порача првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој во рамки на посетата на Вашингон учествуваше на панел дискусијата на тема „Односи ЕУ-САД: Градење колективна безбедност во свет кој се менува“.
– Системот на рестриктивни мерки на САД за санкционирање на корумпирани политичари на Западниот Балкан е од исклучително значење за борба против корупцијата, и ќе помогне во регулирање и реформирање на системот на патот кон ЕУ. Решавањето на предизвиците како што се корупцијата и промовирањето на интеграцијата се од суштинско значење за постигнување на оваа цел, посочи Маричиќ.
На конференцијата, Маричиќ ја истакна соработката со САД со стратегијата за поддршка на Западен Балкан базирана на три принципи – јасна агенда, силна поддршка и константно присуство. (11 февруари)
Бислимоски: Секретаријатот на ЕЗ треба да даде зелено светло за државна помош за енергетски проекти кај нас
Скопје – Нас ни се неопходни нови инвестиции за да ја обезбедиме енергетската независност, а со стратешките проекти на краток рок ефикасно ќе се реализираат неопходните енергетски проекти. Најбитниот филтер во однос на државната помош за нивна реализација ќе го направи Секретаријатот на Енергетската заедница (ЕЗ), порача претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски.
– Која било европска земја кога дава државна помош тоа го одобрува Европската комисија, ние не сме членка на ЕУ, но сме потписник на Договорот за основање на Секретаријатот на ЕЗ што е тело на ЕУ надлежно за енергетика. Токму оттаму ќе се изјаснат за државната помош во делот на инвестициите за енергетиката кај нас, посочи Бислимоски.
Во собранието, додаде тој, чекаат четири договори за стратешки енергетски инвестиции од вкупно 850 мегавати за електрична и 100 мегавати за топлинска енергија. – Со тоа, заедно со досегашните инвестиции кои се направени од приватниот сектор од 600 мегавати од обновливи извори Македонија за помалку од една деценија двојно ќе го зголеми производство што е практично јакнење на енергетската независност, оцени Бислимоски. (12 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.