Скопје, 23 август 2023 (МИА) – Во Секретаријатот за европски прашања, денеска беше промовирана кампањата „Ние сме Европа“, што СЕП ја организира во соработка со Владата.
Караванот на кампањата која чини пет милиони денари ќе опфати осум градови со повеќе теми и тоа: Скопје каде темата ќе биде економија, Струмица – труд и социјална политика, Прилеп – земјоделие, Битола – култура, Охрид – туризам, животна средина, Тетово – млади, Штип – инфраструктура и Куманово – енергетика.
– Ќе започнеме со активности со почеток на оваа кампања во Скопје на тема „Економија“. Првиот настан ќе го отвори премиерот Ковачевски и тоа ќе биде на 30 август како официјален старт на кампањата наредната недела, информира вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Активностите ќе вклучуваат посети и средби со целни групи заинтересирани да прашаат нешто конкретно за темата и генерално за процесот на пристапување.
Маричиќ: Работиме на тоа да се дојде до уставни измени, избори не се решение
Скопје, 23 август 2023 (МИА) – Постојат два начини како да се дојде до уставни измени: ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија да одлучи да даде поддршка под одредени услови за кои беше разговарано пред два месеци на лидерската и вториот начин е дел од пратениците да одлучат да гласаат, како што имавме случај пред пет години. Јас не гледам трет начин, тие се двете опции, истакна денеска на прес-конференција вицепремиерот Бојан Маричиќ.
– Ние ќе работиме на двете нивоа, сметам дека не е невозможно, напротив мислам дека е возможно. Мислам дека имаме доволно време и простор за да дојдеме до решение. Ќе повторам, прашањето е премногу важно за да му се земе кусур на кого било доколку го смени мислењето за одредено време, рече Маричиќ.
Според него, изборите не можат ништо да променат по ова прашање, туку само ќе доминира во кампањата за после тоа да биде изговор дека ВМРО-ДПМНЕ не може да гласа за уставните измени.
Мицкоски: Граѓаните на избори да одберат решение како до ЕУ
Скопје, 23 август 2023 (МИА) – Час поскоро се потребни предвремени парламентарни избори на кои граѓаните ќе го одберат решението како до членство во ЕУ, порача денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во коментар на изјавата на американската амбасадорка во државава Анџела Агелер дека граѓаните треба да им дадат до знаење на политичарите дека тие сакаат да бидат дел од ЕУ, Мицкоски рече дека „апсолутно се согласува со изјавата на амбасадорката“ и оти „граѓаните се суверен во оваа држава и треба на избори коишто би се случиле час поскоро да кажат – Да за ЕУ, но и да го одберат решението како до тоа Да во ЕУ“.
– ВМРО-ДПМНЕ има свое решение, СДСМ има свое решение, претпоставувам и други политички партии ќе излезат на тие избори со свое решение. Граѓаните на тие избори ќе го гласаат и ќе го кажат својот став час поскоро бидејќи секој ден повеќе значи ден изгубен повеќе за Македонија, изјави Мицкоски.
Габриел Ескобар во Скопје на средби со државниот врв и лидерот на опозицијата
Скопје, 24 август 2023 (МИА) – Заменик-помошникот државен секретар на САД Габриел Ескобар денеска доаѓа во посета на Северна Македонија. Ескобар ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, потврдија за МИА од кабинетот на шефот на државата. Предвидено е да има средба и со премиерот Димитар Ковачевски, како и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Доаѓањето на Ескобар на Скопје следува по започнувањето на собраниската процедура за усвојување на уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот како услов земјава да ја одржи втората меѓувладина седница и да ги продолжи преговорите со Европската Унија.
Пленарната седница за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот почна на 18 август. Дневниот ред беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата, претседателот на Собранието Талат Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.