Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Регионот, Македонија, мојата земја се борат за европските вредности со децении и нема сомнеж дека за регионот нема друга алтернатива освен членство во ЕУ и НАТО. Добро е што сме членка на НАТО, но испораката од ЕУ недостасува, истакна денеска во Брисел вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панелот „Прашања на проширување: Новата геополитичка, безбедносна и економска граница на Европа“ во рамки на „Самитот ЕУ-Зашаден Балкан“, што го организира тинк тенкот „Пријатели на Европа“.

– Некој рече дека сме фрустрирани, мислам дека веќе не сме фрустрирани, некако се навикнавме, како да е сето тоа нормално. Секако, ироничен сум, се обидувам да покажам со една реченица што се случува, рече Николоски.

Тој истакна дека во изминативе децении направивме голема жртва за пристапниот процес, но сега клучните играчи во ЕУ треба да бидат фер и да испратат искрена порака дали регионот и земјата ќе се приклучат кон ЕУ.

– Тоа е реалноста, но мислам дека треба да живееме со неа, не треба да кажеме: во ред, се откажуваме. Земјата се трансформира однатре, колку што можеме со наши внатрешни ресурси, но се обидуваме да користиме и меѓународни ресурси, без разлика дали преку соработка со ЕУ, со САД. Не е дека не работиме, не е дека не се обидуваме или дека не бараме партнери и очигледно партнерите се таму каде што припаѓаме, во западната цивилизација. Во однос на ЕУ, да се согласувам, проширувањето е политичко, ниедно проширување на ЕУ не било неполитичко, почнувајќи од Грција и Португалија, во претходниот век, па големото проширување на почетокот на овој век, па се до Романија и Бугарија. Се било политички. Јасно е дека за овој регион недостига политичка волја, рече вицепремиерот Николоски.

Тој изрази стравување дека сè уште постојат сили во регионот кои се моќни, кои бараат да искористат прилика да ја преземат моќта со друга визија и чекаат процесот на проширување да пропадне.

– За различни земји причините се различни, но очигледно има недостиг на политичка волја. Сметам дека е фер да им се каже на луѓето од регионот – ова може, ова не може. И ајде да ги правиме работите што може да се направат. Ако може да направиме 10 од 20 работи, тогаш да ги испорачаме, бидејќи вака сме заглавени во ситуација на чекање: следниот самит, па следниот самит, јуни, декември, можеби во средина на март … и така времето си минува и она од што се плашам е што може да му се случи на регионот во иднина, истакна вицепремиерот.

Според него, во регионот се шират многу дезинформации и некои медиуми ја трујат јавноста, при што единствениот начин на кој можеме да се бориме со тоа е да испорачуваме резултати.

– Мислам дека приказната за проширувањето е нешто што неколку клучни играчи во ЕУ го водат, кажуваат што ќе се случи, а што нема да се случи. Сметам дека е фер да се каже тоа на регионот и да се обидат да се поврзат со регионот преку други форми на комуникација и соработка. Не можам да разберам како е можно од нас да се бара повторно да го смениме Уставот, откако сменивме се што требаше да смениме, а од друга страна има 14 одлуки од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кои Бугарија не ги спроведува за македонското малцинство таму. И никој не им врши притисок, а нам ни се врши притисок. Се надевам дека ќе се промени ова, но не сум сигурен, рече Николоски.

Во однос на иницијативата Европска политичка заедница, Никослоски оцени дека тоа е добар форум за дискусија, што може да прерасне во нешто што ќе ја обедини Европа.

– Апетитот во регионот сè уште е голем и поддршката за членство во ЕУ е висока, но факт е дека има нови сили кои велат: не, не треба да го правите тоа. И затоа мислам дека е чесно да се зборува отворено со луѓето, нагласи Николоски во обраќањето на панелот. (4 декември 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.