Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

На првиот Меѓународен самит за нуклеарна енергија во Брисел, голем број земји се заложија за употреба на нуклеарната енергија со цел да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година, додека противниците предупредуваа на предизвиците од проширување на нејизното производство. Обновливите извори на енергија остануваат клучни во дебатата за енергијата и климата во ЕУ. Колку е поделена Европа во однос на нуклеарната енергија?

Промовирањето на нуклеарната енергија долго време беше табу во Брисел, но високопрофилниот Самит испрати порака дека нуклеарната енергија – која се промовира како клучна во борбата против климатските промени – повторно се враќа во игра.

На самитот, 32 земји во кои моментно функционираат нуклеарни централи или сакаат да ја прошират нуклеарната енергија, ја усвоија Декларацијата за нуклеарна енергија. Според соопштението, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и земјите ја потврдија својата „посветеност на нуклеарната енергија како клучна компонента на глобалната стратегија за намалување на емисиите на стакленички гасови од енергетскиот и индустрискиот сектор, обезбедување енергетска безбедност, зголемување на енергетската отпорност и промовирање на долгорочен одржлив развој и транзиција на чиста енергија“.

На Самитот се собраа претставници од околу 50 земји – вклучително и членки на ЕУ, САД и Кина – и меѓу кои 25 шефови на држави или влади, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон. Генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси потсети дека на 28-та Конференција на Обединетите нации за климатски промени – КОП28 беше договорно „да се забрза распоредувањето на нуклеарната енергија“.

Германскиот европратеник од редовите на Зелените, Мајкл Блос, порача дека „нуклеарната енергија е скап ќор-сокак“.

Огромна инвестиција која не се исплаќа. Изградбата на нуклеарни централи е неверојатно скапа, трае неколку години и не произведува доволно енергија,

Мајкл Блос, европратеник на Зелените

Оваа дебата ги подели земјите членки на ЕУ. Една група, меѓу кои Германија, Шпанија, Австрија и Луксембург, јасно се декларираа против развојот на нуклеарната енергија, додека друга група, предводена од Франција, Финска, Унгарија и Романија, го бранат нејзиниот потенцијал.

Поддржувачите ја промовираат нуклеарната енергија како начин да се постигне јаглеродна неутралност до 2050 година во согласност со климатските цели на ЕУ. Противниците, пак, укажаа на ризиците по катастрофите во нуклеарните централи во Чернобил (1986 година) и Фукушима (2011 година).

Во 2021 година, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен тврдеше дека на ЕУ и треба нуклеарна енергија како „стабилен извор на енергија“, а Брисел ја стави на списокот на одржливи инвестиции.

Дванаесет од вкупно 27 земји членки на ЕУ моментно имаат нуклеарни реактори, а уште два се во процес на изградба во Словачка и Франција, која има најголем број централи. Полска, исто така, има намера да ја рестартира програмата за нуклеарна енергија, како и Чешка која има во план да изгради нови реактори, иако точниот број е се уште непознат.

Франција: Нуклеарниот шампион на ЕУ

Во изминатите две години, Франција како атомски пионер беше одлучна во креирањето попријателски регулативи и враќањето на нуклеарната енергија на агендата на ЕУ. Вкупно 56 од 100-те нуклеарни централи во Европа се во Франција, која има во план да изгради уште 14 нови.

Како нуклеарна сила, Франција не се потпира само на нуклеарната енергија. Министерство за одбрана неодамна најави дека сака да збогатува минерал што содржи литиум во два реактори во нуклеарна централа во малиот град Сиво, централна Франција, со цел да се добие тритиум „редок, но потребен гас за производство на оружје“.

Франција е единствената членка на ЕУ која поседува нуклеарно оружје, откако Обединетото Кралство официјално го напушти блокот во 2020 година. Француското Министерство за одбрана најави соработка со мултинационалната компанија „Електрична енергија на Франција“ (ЕДФ), главната енергетска компанија во земјата, за производство на тритиум.

Франција која е предводник на „нуклеарната алијанса“ на десетина членки на ЕУ, вклучувајќи ги Полска, Бугарија, Финска и Холандија, во февруари потпиша договор со Софија во областа на нуклеарната енергија, овозможувајќи им на индустриските компании од двете земји да учествуваат во одржување на постоечките енергетски централи и во нови проекти.

Во јануари, бугарскиот министер за енергетика Румен Радев и американскиот помошник секретар за енергетика Ендру Лајт, потпишаа меѓувладин договор за соработка на нуклеарен проект во атомската централа „Козлодуј“ и цивилната нуклеарна програма во Бугарија. На 21 март, Бугарскиот парламент го ратификуваше договорот.

Француската ЕДФ учествува на тендерот за изградба на нов реактор во Дуковани (Чешка), заедно со јужнокорејската компанија КХНП. Чешката Влада очекува официјални понуди во април. Договорите се очекува да бидат потпишани кон крајот на 2024 или почетокот на 2025 година, а првиот реактор да почне да работи во 2036 година.

Европските амбиции за нуклеарна енергија растат

Романија има намера да стане регионален лидер во областа на нуклеарна енергија, изјави романскиот претседател Клаус Јоханис на Самитот во Брисел. Тој нагласи дека климатските промени се „глобален предизвик“ кој бара координирана акција и амбициозни мерки.

Србија, од друга страна, нема никакво искуство со нуклеарната енергија, изјави на Самитот српскиот претседател Александар Вучиќ. Тој нагласи дека Србија се соочува со три проблеми: недостиг на знаење и експерти за користење на нуклеарната енергија, недостиг на финансии, како и свест кај луѓето. Исто така, тој додаде дека Србија е заинтересирана да добие најмалку четири мали модуларни реактори, но дека ќе и треба финансиска поддршка од водечките земји на ЕУ.

Во Словенија, нуклеарната централа се наоѓа во Кршко, во близина на границата со Хрватска и работи уште од 1983 година. Произведува околу 40 отсто од електричната енергија во државата, од која половина и припаѓа на Хрватска, како косопственик на централата. Во ноември се очекува словенечките граѓани да гласаат на консултативен референдум за изградба на нова нуклеарна централа (Јек2), исто така во Кршко.

Во моментов Шведска има шест функционални нуклеарни ректори – во Форсмарк, Оскаршамн и Рингхалс, сите изградени во 80-тите години на минатиот век. Шест постари реактори беа затворени меѓу 1999 и 2020 година, меѓу нив и нуклеарката Барсебак, која е лоцирана во јужна Шведска, близу Данска и долги години беше мета на критики од Копенхаген.

Во Шведска, прашањето за нуклеарната енергија е едно од главните политички теми во последните неколку години. Наместо постепено укинување на системот, за кој беше одлучено по необврзувачкиот референдум во 1979 година, сегашната десничарска Влада се подготвува за зголемена изградба на нови реактори. По долги години критики, нуклеарната енергија станува се попопуларна меѓу населението и политичките партии.

Ветерница. Фото: Јан Воитас/дпа

Обновливите избори на енергија остануваат клучни во дебатата за енергија

И покрај ублажениот став на ЕУ, дебатата за нуклеарните и обновливите извори на енергија се уште ги спротивставува Париз и Брисел. Франција не успеа да ги исполни целите за обновливи извори на енергија поставени од ЕУ во 2020 година, но одбива да стори нешто повеќе, тврдејќи дека нејзиниот јаглероден отпечаток е доволно мал благодарение на нуклеарната енергија.

Ставот на Франција не им се допадна на многу активисти за заштита на животната средина и на некои земји од ЕУ, како Шпанија, Австрија, Германија и Луксембург, кои во рамките на блокот го формираа сојузот „Пријатели на обновливите извори на енергија“.

Според Блос, ЕУ мораме да ги зголемиме напорите за проширување на обновливата енергија. – Возобновувањето на нуклеарната дебата само ќе го забави напредокот. Така го загрозуваме нашето лидерство во Зелениот договор, изјави Блос.

Германскиот канцелар Олаф Шолц ги одби повиците за враќање на нуклеарната енергија во Германија, укажувајќи на високите трошоци и долгиот процес на изградба. – Електричната енергија што доаѓа од нуклеарните централи е многу поскапа од еолската и соларната енергија или други извори на производство, рече Шолц.

И покрај тоа што нема нуклеарни централи, Португалија има опширно законодавство за нуклеарни прашања, особено во областа на радиологијата. Постојат многу органи во различни министерства кои се одговорни за оваа област, на пример, за контрола на нуклеарната централа Алмараз во Шпанија, која за ладење користи вода од реката Тагус, што тече низ двете земји.

Инвестицијата е насочена кон обновливите извори на енергија кои снабдувале 61 отсто од електричната енергија на Португалија во 2023 година, во споредба со 49 проценти една година претходно, достигнувајќи нов рекорд по периоди на силни дождови, силни ветрови и добри дози сонце, вели операторот на мрежата РЕН.

Гледајќи надвор од ЕУ, Северна Македонија, на пример, исто така нема нуклеарни централи, но се обврза за постепено укинување на јагленот до 2027 година. Северна Македонија ги изработи првите закони и договори за стратешки инвестиции во енергетскиот сектор, за да ги олесни и забрза инвестициите во централите за обновлива електрична енергија. Првите четири проекти се соларни централи Пехчево и Стипион, когенерациски објект во Скопје и фотоволтаична централа со гасни мотори.

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.