Скопје – Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан во интервју за МИА изразува уверување дека истиот дух на единство кој, како што вели, го покажала Европската Унија на декемврискиот самит, кога беше донесена одлука за почеток на преговори со Украина ќе преовлада и во однос на препреките со кои се соочуваат земјите во регионот, вклучувајќи ја и Северна Македонија. Тој потенцира дека претстојните двојни избори се јасен избор помеѓу луѓе кои имаат пат кон Европа и луѓе чие минато покажува дека не се заинтересирани за пристапување во ЕУ.
– Северна Македонија презеде храбри чекори, го промени името и Уставот во еден наврат, сега се соочува со уште едно барање, но фокусот на европските политики и геополитиката е сите земји да бидат дел од ЕУ. И повторно, затоа се важни овие избори. Доколку луѓето продолжат по патот на кој се наоѓаат, јас сум уверен дека процесот ќе се движи напред во следните неколку години. Доколку се потрошат годините барајќи друг пат, тоа мислам дека ќе го успори напредокот на земјата кон Европа, изјави О’Брајан. (23 јануари)
Османи: Граѓаните на Северна Македонија се ставени на фундаментален тест на изборите
Брисел – Политичкиот пејзаж во Северна Македонија никогаш досега не бил толку поларизиран како пред претстојните претседателски и парламентарни избори, создавајќи два кампуси – проевропски и антиевропски фронт, изјави во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на панел-дискусијата на конференцијата „Позадината на дезинформациите: Зајакнување на нашите општества против манипулациите и мешањето на странските информации“.
– Првпат нашите граѓани се ставени пред фундаментален тест дали ЕУ листата ќе остане победничка листа на Западниот Балкан на едни избори, истакна Османи.
Според него, ваквата парадоксална ситуација кога 80 отсто од граѓаните го поддржуваат членството во Европската Унија, ние се уште да се прашуваме дали ЕУ листата ќе биде победничка на изборите е последица на кампањата на дезинформации што доаѓа главно од Русија, чија цел е одвлекување на земјите од Западниот Балкан од стратешките цели. (23 јануари)
Николовски: Македонското земјоделство е успешен модел и пример за искористување на европските пари
Скопје – Македонското земјоделство покажа дека е подготвено да ги апсорбира парите од европските фондови без кои нема модернизација и развој. Станавме пример и успешен модел што сакаат да го следат земјите во регионот, рече министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на панелот „Земјоделство и рамномерен регионален развој – ЕУ можности и перспективи“во рамки на конференцијата „Година на европски можности“.
– Македонското земјоделство е успешен модел како може да се користат европските пари. Покажавме дека можеме да бидеме пример во однос на ИПАРД. Ако во ИПАРД 1 искористивме 10 отсто од вкупните средства и вративме 55 милиони евра во европската каса, овие пет години, од 2017-ма до крајот на 2023-та, вративме нула евра во европската каса. рече Николовски. (24 јануари)
Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните измени додека сум претседател
Скопје – ВМРО-ДПМНЕ нема да ги гласа уставните измени додека сум јас претседател, изјави вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски, на прашање да даде коментар на изјавата на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија Џејмс О’Брајан дадена во интервју за МИА во која се препознава опозицијата, а се однесува на тоа дека во претстојните процеси е особено важно да се прашаат кандидатите каков им е планот за во иднина и дека постои пат што не е опишан и реално е прашањето дали воопшто постои или само претставува погоден начин за да се избегне да се каже дека всушност нема пат.
Мицкоски беше прашан директно да одговори дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа уставните иземени, бидејќи директни се и пораките од меѓународната заедница, меѓу кои и изјавата на американскиот дипломат Габриел Ескобар дека САД ги бираат за партнери на Балканот оние кои што го приближуваат регионот поблиску до Европа.
– И на едниот и на другиот подиректно од ова не можам да го кажам.Кажано им е од моја страна дека вакви какви што се уставните измени ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да ги гласа додека сум јас претседател. Никогаш, рече Мицкоски. (24 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.