Скопје – Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ со повеќе активности во организација беа одбележани 33 години независност. Честитки по повод Денот на независноста – 8 Септември упатија голем број странски амбасади, Делегацијата на ЕУ, НАТО и повеќе здруженија и политички партии.
Свечената академија се одржa во Македонската филхармонија во Скопје, од каде премиерот Христијан Мицкоски објави десет принципи за развој, стабилност и просперитет и повика на единство и сплотеност.
-Граѓаните заслужуваат да живеат во држава каде што чесноста и правдата се водечки принципи. Време е да се стави крај на беззаконието и да се изгради држава која ќе ги заштити интересите на своите граѓани. Криминалот не смее да биде посилен од Владата и на ова зло му доаѓа крајот, истакна премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на независноста – 8 Септември под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“.
Дел од десетте принципи кои премиерот ги соопшти денеска беа воспоставување на правда и правна држава, крај на партизацијата на општество, подобрување на стандардот на граѓаните и исполнување на стратешката цел за влез во Европската Унија.
– За сите овие принципи барам единство и сплотеност. Испраќам порака до лидерите во опозицијата околу овие 10 принципи да се обединиме сите, исчистете се од криминалот во своите редови и реформирајте се. И прифатете го ова што го нудам како платформа околу кое се обединуваме, посочи премиерот.
Дополнително, посочи дека мора да имаме општа согласност за исполнување на нашата стратешка цел, а тоа е членството во Европската Унија.
– Немаме друга алтернатива, ниту пак постои друга реална шанса. Желбата на народот за членство во Унијата е желба за подобар стандард, повисоки критериуми и повеќе пари и среден систем. И ние како Влада и општество не смееме да отстапиме од Европскиот пат, потенцираше Мицкоски.
На церемонијата, покрај премиерот Мицкоски, присуствуваше и претседателката на државава, Гордана Сиљановска Давкова и претседателот на Собранието, Африм Гаши како и повеќе претставници од законодавната, извршната, судската власт и верските заедници. (9 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.