Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културни особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ, и дека Република Северна Македонија е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени со јасна определба дека е тоа последната пречка, без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер. 

Ова се двете главни точки од Резолуцијата за дефинирање заеднички позиции за продолжување на европскиот пат на државата, што денеска ја презентираше лидерот на СДСМ Венко Филипче. 

– Ова се нашите црвени линии. Ова е предлог решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус со оглед на високото мнозинство граѓаните за членство на државата во ЕУ, изјави Филипче. 

Документот како работна верзија најпрво ќе биде доставен до сите политички партии, а потоа во Собранието да се излезе со заеднички документ. Документот, како што посочи Филипче, содржи и конкретна временска рамка за одблокиррање на преговорите и отворање на првиот кластер до 15 февруари 2026 година, како и механизми кои чекори треба да ги преземе Собранието доколку некоја од земјите членки задираат во идентитетските прашања. 

– Сметаме дека ова нешто треба да биде приоритет, непосредно после локалните избори, имајќи во предвид дека силно и брзо чекорат напред соседите Албанија и Црна Гора, има позитивни сигнали од земјите членки на ЕУ дека има волја за проширување заклучно со 2030 година и не треба да го пропуштиме. Тоа го потенцираат и земји членки кои што беа скептични за процесот на проширување, тоа се Франција и Данска. И затоа сметаме дека Собранието треба да ја започне, после соодветни припреми постапката за измени на Уставот, да се достигне до фаза на прзо гласање најдоцна до 15 декември 2025 година, изјави Филипче. 

Прашан што доколку има нови сопки и услови и покрај тоа што државата ќе се обрати до европските институции, Филипле рече дека „чекајќи и плашејќи се, со некои хипотетички претпоставки дека ќе се случат, ние не напредуваме, ние стагнираме“. 

Прашан за изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека се разговара со Бугарија и најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека очекува од јануари да се придвижи процесот, што на некој начин се совпаѓаат и дали зад сето ова постои некаква координација на активностите, Филипче рече дека нема и ова е автентичен предлог. 

– Меѓутоа ги слушаме сигналите од ЕУ и не можеме да седиме мирни. Тоа што го кажа еврокомесарката Кос на нашиот заеднички состанок и тоа што го кажуваат дипломатските претставници, изјавите за прием на Албанија и Црна Гора во следните две до три години, јасни се сигналите и волјат на ЕУ за сериозно и силно, и ако бидеме искрени за разлика од претходно, да го поддржи процесот на проширување и сметам дека ова не треба да се пропушти, изјави Филипче. (25 септември 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.