Скопје – Ставот на Франција е недвосмислен и за Северна Македонија и за Албанија. Оптимист сум дека ако успеат уставните измени нема да се случи одвојување на двете земји на патот кон ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Бујар Османи.
Дали ќе има одвојување веќе треба да ги прашате од нашата опозициска партија, бидејќи топката е кај нас,
Бујар Османи, министер за надворешни работи на Северна Македонија
– Мислам дека не треба да извлечеме некаква порака од изјавата на претседателот Макрон бидејќи тој беше во билатерална поста на Албанија, и оттука пораките беа за Албанија, а не за регионот. Дали ќе има одвојување веќе треба да ги прашате од нашата опозициска партија, бидејќи топката е кај нас – уставните измени се моментот што ќе одлучува дали ќе има одвојување на процесот на преговори заедно со Албанија. Така што, тоа прашање засега е за опозицијата, а за кратко време ќе биде за сите, рече Османи, прашан за изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека дал поддршка за Албанија, не споменувајќи ја Северна Македонија. (17 октомври)
Поради нападот во Брисел одложен скринингот по Поглавјето 11
Брисел – Билатералниот скрининг за Поглавјето 11 – Земјоделство и рурален развој, што започна вчера во Брисел и требаше да продолжи денеска и утре, е одложен поради синоќешниот вооружен напад во белгискиот главен град, при кој беа убиени двајца шведски државјани, а трет беше ранет.
Како што информира шефицата на македонската делегација, заменик главен преговарач со ЕУ и државна секретарка во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу-Халили, по консултации, а земајќи ја предвид новонастанатата безбедносна состојба, донесена е одлука за одложување на вториот ден од билатералниот скрининг за в четврток – 19 октомври.
Според неа, одлуката за одлагање на скринингот се заснова на заедничката посветеност за безбедноста и благосостојбата на сите учесници во овој процес.
– Уште еднаш, изразуваме длабоко сочувство до жртвите и семејствата погодени од овој бесмислен чин на насилство, истакна Абдиу-Халили. (17 октомври)
Извештај на ГРЕКО: Задоволително имплементирани 13 од 23-те препораки од 2019 година
Брисел – Северна Македонија на задоволително ниво имплементираше 13 од 23-те препораки содржани во Извештајот за евалуација од петтиот круг, девет се делумно имплементирани и една не е имплементирана, се наведува во вториот извештај за усогласеност на Групата на држави против корупција (ГРЕКО) при Советот на Европа.
ГРЕКО заклучува дека Северна Македонија е „во недоволна усогласеност“ со препораките содржани во Извештајот од петтиот круг на евалуација и го поканува шефот на Делегацијата на Северна Македонија да достави извештај за напредокот во имплементацијата на преостанатите препораки што е можно поскоро, но најдоцна до 30 јуни 2024 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, петтиот круг на евалуација на ГРЕКО од 2019 година се однесува на „Спречување на корупцијата и промоција на интегритетот кај централната власт и органите за спроведување на законот“. (18 октомври)
Дванаесет европратеници со писмо до Фон дер Лајен бараат оставка или разрашување на Вархеји
Стразбур – Група од 12 европратеници од групите на Зелените, Социјалистите и демократите и Левица преку отворено писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, бараат оставка од еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји.
Во писмото се повикува Вархеји да поднесе „оставка“ или „да биде разрешен“ поради прекорачување на неговиот мандат, со тоа што најави замрзнување на помошта за Палестинците без консултации со владите на ЕУ.
Се наведува дека еврокомесарот Вархеји нема овластување за ова прашање еднострано да одлучува, ниту пак официјално да го објави на своите налози на социјалните мрежи и дека одлуката не е донесена во соодветниот процес. (17 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.