Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за надворешни работи во техничката Влада Бујар Османи денеска оствари телефонски разговор со американскиот сенатор Питер Велч, кој ја предложи Резолуцијата за поддршка на ЕУ интеграцијата на Северна Македонија.

За време на разговорот Османи нагласи дека Резолуцијата, која е поддржана од сенатори од Демократската и од Републиканската партија, претставува дополнителна потврда дека нашиот евроинтегративен процес нема алтернатива, но истовремено дека е и охрабрување до Унијата дека треба да се забрза нашиот пат до полноправно членство.

– Резолуцијата е уште една демонстрација за силната поддршка од САД за евроинтегративниот процес на Северна Македонија и доказ за силното сојузништво меѓу двете земји во исполнувањето на споделената стратешка цел – нашето членство во ЕУ. Тоа е и на линија на нашите заеднички заложби во рамки на Стратешкиот дијалог со САД, што го лансиравме со државниот секретар Блинкен во јуни 2022 година, истакна Османи.

Соговорниците, осврнувајќи се на текстот на Резолуцијата, го поздравија напредокот на Северна Македонија во спроведувањето на реформската агенда, поддршката за Украина, како и долгогодишното стратешко партнерство и НАТО сојузништво меѓу двете земји.

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.