Тетово, 5 септември 2023 (МИА) – За министерот за надворешни работи Бујар Османи изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел дека до 2030 година мора Европската унија да биде подготвена за проширување, е многу позитивен сигнал за сите шест држави кои се во различни фази на процесот на приклучување.
За првиот човек на дипломатијата изјавата дава оптимизам, но тука треба се искористи приликата.
– Досега немало поформална позиција на Европската Унија за проширување од изјавата на Шарл Мишел дека во 2030 вратите на ЕУ ќе се отворат. Мене оваа изјава ме направи пооптимистичен од било кога бидејќи сме на вистинскиот пат дека членството е пред нас, само треба да направиме напори за да ги координираме нашите активности во државата за да не ја пропуштиме оваа историска прилика. За да стигнеме до ратификацијата треба да се гласаат уставните измени, потенцираше Османи.
Гир: Ја сакаме Северна Македонија во ЕУ, еве ви можност
Скопје, 6 септември 2023 (МИА) – Евроамбасадорот Дејвид Гир вечерва изјави дека клучно за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ се партиите да се согласат дека реформите се врвен приоритет, тие да се имплементираат и одлучно да се оди напред со вмрежување на сите институции.
За уставните измени, Гир рече дека текстот за предлозите се само дополнување на добрите внатрешни меѓуетнички односи и не се во спротивност со фундаменталниот интерес на државата, нагласувајќи дека ЕУ нема да преговара за нова рамка.
– Две работи ќе бидат клучни за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ. Прво, партиите да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет и дека ќе ги стават пред сите други приоритети. Ова треба да биде национален проект. И втората работа е одлучно да се оди напред со реформите преку вмрежување на сите институции. Ако така се постават работите датумот е достижен, но мора да се имлементираат реформите, рече Гир.
Во Битола се одржа трибина „ЕУ за македонското културно наследство“
Битола, 6 септември 2023 (МИА) – Кампањата „Ние сме Европа“ чиј предводник е вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, вечерва продолжи во Битола со трибина на тема „ЕУ за македонското културно наследство“.
Пред аудиториумот во Битола, Маричиќ истакна дека потребата за негувањето на културата на мирот најдобро ја искажа Жан Моне со зборовите „ние не федерализираме држави, ние ги обединуваме луѓето“.
– ЕУ ги отфрли концептите за судир на цивилизации и се посвети на изградбата и негувањето на – сојуз на цивилизации. Во еден таков контекст, од витално значење за Северна Македонија е да ги промовираме нашиот македонски културен идентитет, нашето културно наследство и вредности, а ЕУ е вистинското место за тоа. Нашиот стремеж за членство во Европската Унија подразбира и подготвеност да го прифатиме целосно и европскиот идентитет, бидејќи – Ние сме Европа, истакна вицепремиерот Маричиќ.
Берлинскиот процес ќе се одржи во Тирана на 16 октомври
Тирана, 6 септември 2023 (МИА) – Берлинскиот процес доаѓа за првпат во регионот. Поточно, во Тирана, на 16 октомври ќе се одржи следната средба на високо ниво, соопшти попладнево германската амбасада во Тирана.
Целта на Берлинскиот процес е продлабочување на регионалната интеграција и лидерството на балканските земји. Ова ги вклучува развојот на инфраструктурата, економијата, регионалната младинска размена, помирувањето и науката.
– Преку создавањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), младите учат повеќе за соседните земји и сфаќаат дека имаат повеќе заедничко отколку разлики. Дури и потпишувањето на договорот за роаминг е успех на Берлинскиот процес: оттогаш, можете бесплатно да сурфате на плажа во Црна Гора и да се јавите дома – ова се разбира важи и за сите други земји од Западен Балкан, посочи Германската амбасада.