Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Словачка е голем поддржувач на евроинтеграциите на вашата земја и целосно ќе го поддржи пристапувањето, затоа што тоа е вистинската перспектива и вистинскиот начин на којшто ќе се напредува. Но ЕУ не може само да си игра со довербата на оваа земја затоа што доаѓа момент кога луѓето едноставно ќе престанат да и веруваат на ЕУ и можат едноставно да кажат дека не сакаат да бидат членка на овој клуб, затоа што по децении напорни вложувања и мачни реформи тие едноставно нема да го прифатат тоа, изјави шефот на словачката држава Петер Пелегрини на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Вила Водно.

Словачкиот претседател ја критикуваше ЕУ дека постојано се поставуваат нови услови кон земјава и според него со тоа Унијата прави голема грешка бидејќи ќе ја изгуби динамиката на проширување.

– Интеграцијата на вашата земја во ЕУ не треба да се злоупотребува со политички спорови и се согласувам со укажувањето дека пристапниот процес за земјата треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа, само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид уцена, потенцира словачкиот претседател.

Тој изрази надеж дека за време на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, таа ќе даде пооптимистична изјава во врска со пристапувањето и ќе даде надеж, како што рече, на оваа земја и на овој народ.

Во одговор на новинарско прашање дали рокот 2030 година за проширување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ е реалистичен, тој повторно кажа дека го посакува тоа, но, вели, сметам дека ЕУ си игра со напорите на оваа земја.

– ЕУ треба да биде свесна дека овој процес на проширување е жив и земји како оваа имаат потенцијал да преговараат поглавје по поглавје, да ги спроведуваат реформите со цел да ги исполнат критериумите. Јас сум малку позагрижен дека пристапувањето на овие земји нема да се заснова на нивното техничко ниво на подготвеност, туку само ќе се играат геополитички игри со нив и дека во ЕУ ќе има земји коишто ќе играат политички игри, се со цел да го попречат пристапувањето и верувам дека ако го прават тоа тогаш тие ќе направат огромна политичка грешка и ќе зажалат поради тоа, потенцира тој.

Пелегрини исто оцени дека Унијата во моментов се соочува со криза, а она што е најлошо е дека ЕУ веќе не е гледана како еден од најважните и најсилни економски пазари во светот.

Во врска со концептот одлуките во ЕУ да се носат по пат на кваилификувано мнозинство, Пелегрини кажа дека на тој начин би се изгубил гласот на помалите држави.

– Сите ние во ЕУ имаме ист глас, а сега загрижени сме дека ако го преместиме овој процес на квалификувано мнозинство, тогаш може да се случи дека големите играчи во ЕУ ќе диктираат и нема помалите да можат да кажат што треба да се прави. Затоа тука сме мошне претпазливи и повеќе би сакале да го задржиме правото на вето и исто така единствен глас за секоја земја со цел да можеме да го елиминираме диктатот на големите земји, посочи словачкиот претседател, кој е во официјална посета на земјава. (14 октомври 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.