Скопје – Перспективите за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и можностите за деблокада на процесот беа главна тема на панел-дискусијата „Фокус на Балканот“ во рамки на 60. Минхенска безбедносна конференција на која говореше и претседателот Стево Пендаровски. На панел-дискусијата учествуваа и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама и американската сенаторка Џејн Шахин.
Пендаровски информираше дека во однос на промената на Уставот, како пречка за натамошно продолжување на нашата интеграција, тоа нема да е можно до одржувањето на изборите, бидејќи земјата има преодна Влада, чија единствена задача е организирањето на фер и демократски избори.
Тој посочи и на падот на интересот за ЕУ во регионот, посочувајќи го македонскиот пример, дека и по тешки компромиси, државата нема напредок во интеграцијата кон ЕУ. (17 февруари)
Какурис за МИА: Важно за економијата во време на избори е да има фискална консолидација и минимизирање на политичките ќор-сокак позиции
Скопје – Новиот потпретседател на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за Западен Балкан, Киријакос Какурис во интервју за МИА порачува дека во периодот на претстојните парламентарни и претседателски избори клучно за економијата ќе биде да продолжи постепената фискална консолидација и да се минимизираат политичките ќор-сокак позиции.
Она што исто така е важно, според Какурас, е да се зачува и привлечноста на странските инвеститори.
– Економијата на Северна Македонија се покажа како отпорна на неизвесноста и нестабилноста што ги карактеризира глобалните пазари. Во 2023 година, зголемената приватна потрошувачка и динамичниот извоз ја поддржаа економската активност, делумно неутрализирајќи ги надворешните спротивставени ветрови. Во иднина, се очекува домашната потрошувачка да продолжи да се шири во текот на 2024 година поради постепеното намалување на инфлацијата, вели Какурис. (18 февруари)
Инвестициски самит на Западен Балкан 2024 година во седиштето на ЕБОР на 26 февруари
Лондон – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) објави дека Инвестицискиот самит за Западен Балкан 2024 година ќе се одржи на 26 февруари во седиштето во Лондон.
Како што е наведено, целта на самитот е да се истакнат потенцијалните можности за инвестирање и бизнис во регионот на Западен Балкан и да се промовираат регионални и прекугранични проекти.
Тоа е шести самит на ЕБОР – инаугуративниот Самит на Западен Балкан се одржа пред 10 години, во февруари 2014 година. – Западен Балкан е приоритетен регион за ЕБОР, е наведено на веб-страницата на таа меѓународна финансиска организација и е нагласено дека ЕБОР останува еден од најголемите институционални инвеститори во земјите од регионот со повеќе од 18 милијарди евра. (18 февруари)
Џафери – Сарацин: Реафирмирана германската поддршка за следниот исчекор во европските интеграции
Скопје – Техничкиот премиер Талат Џафери се сретна со Мануел Сарацин, германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, кој ја реафирмираше поддршката на Берлин за следниот исчекор во европските интеграции, како клучен за граѓаните на Северна Македонија да го осигураат членството во ЕУ во непрекинат процес.
На средбата е оценето дека Северна Македонија се наоѓа во исклучително важен момент од демократскиот развој, кога треба да спроведе уште едни фер и демократски избори, но и да ги реализира евроинтеграциите. Во таа насока е поздравен ставот на премиерот Џафери и на новиот владин состав за организирање и спроведување изборен процес по европски стандарди.
Во делот на евроинтеграциите е потенцирало дека одлуката во Собранието, со којашто би се исполнил единствениот услов од Преговарачката рамка и земјата би влегла во преговарачкиот процес, е од важност и за стабилноста на целиот Западен Балкан. (18 февруари)
Борел: Приоритетите на ЕУ се безбедносни и фокусирани на Украина и Блискиот Исток
Минхен – Високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на Конференцијата за безбедност во Минхен изјави дека надворешната и безбедносната политика на ЕУ е фокусирана на жаришните точки во Украина и на Блискиот Исток.
– Мораме да обезбедиме безбедносни приоритети на Украина и да и помогнеме на нејзиниот пристап во ЕУ по долгогодишни тензии со Русија. Затоа, имаме проблем и со Русија и мораме да разгледаме различни сценарија, рече Борел на панелот посветен на следните геополитички приоритети на Европската унија.
Според него, неопходно е да се промовира мировно решение на Блискиот Исток и активно да се придонесе за завршување на војната во Газа. – Мислам дека во ЕУ постои подготвеност да се прифати решение со две држави, но потребно ни е единство, рече Борел. (18 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.