Скопје – Бесплатна Интернет мрежа на јавни простори, пристап до Европската платежна област – СЕПА, зелени ленти на граничните премини, вклучување во европските центри за дигитални иновации, како и вклучување во медицинските набавки на ЕУ, се само дел од придобивките што ќе ги добијат граѓаните и компаниите со Планот за раст за Западен Балкан.
Инструментот на Планот за раст, што за целиот Западен Балкан изнесува 6 милијарди евра, ќе се реализира во периодот од 2024 до 2027, почнувајќи од оваа година па наредните 4 години и овие средства ќе бидат надополнување на инструментот за претпристапна помош ИПА 3, којшто веќе државава го користи, значително зголемувајќи ја финансиската помош за сите партнери од регионот, беше посочено на брифингот со новинари за Планот за раст на Европската комисија за Западен Балкан, од страна на СЕП со поддршка на УНОПС.
Планот за раст е можност за развој на компаниите, мобилност на младите, за посуштински секојдневни релации со членките од ЕУ, суштинско вклучување во пазарот на ЕУ. Борба против корупцијата и воспоставување подобар систем на владеење на правото, но и јасната порака од ЕУ дека сакаат да ги видат нашите граѓаните и држави внатре во Унијата.
Владата на седницата во вторникот ја усвои Нацрт реформската агенда 2024-2027, во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан и ја усвои усогласената верзија на Нацрт реформската агенда. Ажурираната Нацрт реформска агенда се споделува со Европската комисија со цел усогласување на листата реформски приоритети и мерки, со конкретни рокови предложени од македонска страна, со ЕУ. Усогласувањето на Нацрт реформската агенда меѓу Северна Македонија и ЕУ ќе продолжи и во наредниот период и треба да се заврши најдоцна до 26 април 2024 година, а финалната верзија на Реформската агенда да се усвои најдоцна до средината на мај 2024. По утврдувањето на финалната верзија на Реформската агенда и усвојувањето од ЕК ќе се отвори можноста за потпишување на договорите за инструментот за реформи и раст и за заем и со тоа поднесување Барање за повлекување на првата транша, односно за авансот во висина од 7 проценти од алокацијата за нашата држава, од вкупно 850 милиони евра.
Со Планот за раст треба значително да се забрза ефектот од сите социо-економски придобивки од пат на земјава кон полноправно членство, и ова треба да биде надополнување и поддршка на процесот на преговори, не треба да биде негова замена, не треба да биде во судир со него, треба да биде како поддршка и надополнување на тој процес, беше посочено на брифингот. (18 април)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.