Скопје – Италијанскиот претседател Серџо Матарела на средбите минатата недела во Скопје повтори дека Рим дава силна поддршка на патот за полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ ветувајќи дека Италија постојано ќе биде на страната на државава.
Италија, рече тој, цврсто верува дека Западен Балкан е составен дел од Европа и дека Европа никогаш нема да биде целосна без пристапувањето на сите земји од овој регион.
-Сакам јавно да подвлечам дека го цениме трпението и напорот што Северна Македонија ги направи за да ги надмине сите потешкотии и на планот на подобри и попозитивни односи со соседите. Станува збор за чекори нанапред кои Италија секогаш ги следеше и ги поддржуваше и во своите односи со Софија., рече Матарела.
Изрази надеж дека овој процес ќе биде пократок за целосно да се постигне членството во Европската Унија, рече Матарела. (12 септември)
Ковачевски го поздрави договорот помеѓу лозарите и винарите
Кавадарци – „Договорот помеѓу лозарите и винарите овозможи да имаме успешен почеток на бербата„, рече премиерот Димитар Ковачевски.
-Ние сме исклучително среќни што оваа година постигнавме договор со којшто имаме триесет проценти зголемени откупни цени на грозјето. Тоа беше потврдено и на состанок што го имавме со претставници на лозарите и винарниците. Оваа година, покрај тоа што откупната цена на смедеревката и на вранецот е зголемена на 13 и на 15 проценти, дополнително државата, во услови на најголема светска криза издвои дополнителни два денара за секој килограм предадено грозје и дополнително, за секој килограм извезено грозје, уште два денара, изјави Ковачевски.
Напомена дека земјава е втор најголем извозник на вино во регионот и додаде дека извозот на вино од државата, надминал 61 милион евра во текот на2021, што е за 19 проценти повеќе од 2020 година. (11 септември)
ВМРО-ДПМНЕ поднесе иницијативата за референдум за договорот со Бугарија
Скопје – Најголемата македонска опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ, поднесе иницијатива во Собранието за референдум за договорот со Бугарија.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за започнување процедура за утврдување на уредноста на иницијативата за собирање на граѓански потписи за почеток на референдумот. Според лидерот на оваа партија народот не го поддржува договорот со соседна Бугарија. Тој смета дека мнозинство граѓани би излегле на ваков референдум.
Владејачката партија, СДСМ, оцени дека ова е ретрограден потег кој би ја вратил Северна Македонија “во изолација„.
Пратеникот на СДСМ, Мартин Костовски, пак изјави дека по утврдување на уредноста на иницијативата што е обврска на Собранието тие ќе се изјаснат како пратеничка група, но и дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се “на иста линија“ во однос на ЕУ патот на државата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери, како што вчера соопштија од неговиот Кабинет, се уште не ја примил иницијативата. (10 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток