Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска се сретна со потпретседателот на Европската инвестициска банка, Роберт Де Грот, а по состанокот е потпишана Спогодба за отворање на претставништво на ЕИБ во Скопје. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на заедничката прес-конференција со Де Грот во Владата по потпишувањето на документот истакна дека овој чин претставува значаен чекор во продлабочувањето на врските со Европската Унија и унапредување на партнерството со европските институции, нагласувајќи дека од независноста до денес ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата.
– На мое големо задоволство, денес во Владата, заедно со претседателот на Владата Христијан Мицкоски потпретседателот на Европската инвестициска банка, господинот Роберт де Гроот, одржавме состанок и потпишавме Спогодба за отворање на претставништво на ЕИБ во Скопје – чин кој претставува значаен чекор во продлабочувањето на врските со Европската Унија и унапредување на партнерството со европските институции. Ова е силна потврда на довербата која оваа организација и Европската Унија ја имаат во нашата држава и во нејзиниот економски потенцијал. Од нашата независност до денес, ЕИБ има инвестирано над 1,6 милијарди евра во клучни сектори за стабилен развој на државата – инфраструктура, енергетика, транспорт, поддршка на малите и средните претпријатија, како и подобрување на животниот стандард преку модернизација на јавните услуги, истакна Муцунски.
Министерот посочи дека отворањето на ова претставништво ќе овозможи поблиска координација, поефикасна имплементација на проектите и уште поголем пристап до техничка и финансиска поддршка кои овие европски институции ги нудат.
– Од денеска, ЕИБ ќе биде уште поблиску до државните институции, локалната самоуправа и македонските компании – давајќи им поддршка за реализација на нивните развојни инвестиции и проекти. Поблиското присуство на ЕИБ претставува јасен сигнал дека нашата држава се движи во насока на модерна, европска и конкурентна економија, отворена за инвестиции и ориентирана кон долгорочен и одржлив раст. Новата фаза на соработка во која влегуваме денес се совпаѓа со стратешките цели на Владата, забрзување на економската трансформација, поддршка на зелената транзиција, интеграција во европскиот економски и финансиски простор и усвојување на европските успешни практики и стандарди. Нашата заложба останува јасна, да создадеме услови за стабилен раст, нови инвестиции, зголемена конкурентност и поквалитетни услови за живот на граѓаните, рече Муцунски.
Де Грот истакна дека е голема чест да се биде во држава, во која ЕИБ е активна со децении, почнувајќи со финансирањето пред многу години на железниците и додаде дека денеска слават една нова одредница, а тоа е потпишувањето на Договор со земја-домаќин.
– Ова формално препознавање на статусот на ЕИБ во Северна Македонија ќе ни овозможи да ја продлабочиме врската, но и нашето портфолио да порасне во согласност со приоритетите на Владата. Како дел од тим Европа и од новиот план за раст на ЕК , подготвени сме да ги поддржиме нашите македонски партнери при испорачувањето на проекти коишто ќе имаат силно влијание и ќе промовираат одржлив развој, поврзување, зелена транзиција, како и подобрени здравствени и образовни услуги во полза на граѓаните. Уверен сум дека заедно може да изградиме посилна поцврста иднина за Северна Македонија и да помогнеме на вашиот пат кон пристапување кон ЕУ, додаде Де Грот. (12 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
