Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Со пакет мерки, вредни 13 720 000 евра, ЕУ и УНДП ќе работат на заштита на биодиверзитетот во Преспанското Езеро и на развојот на одржливо земјоделство и туризам, а ќе се спроведат и поголеми инфраструктурни интервенции за справување со крупниот отпад и отпадните води, како и за подобрување на регионалниот развој.

Инвестициите за заштита на еколошкиот систем во регионот на Преспа ќе се спроведуваат преку два комплементарни проекта, „ЕУ за инфраструктурни подобрувања во регионот на Преспа“ и „ЕУ за Преспа – обнова на природните ресурси за зајакнување на одржливото земјоделие и туризам“.

– Регионот на Преспанското Езеро е област со исклучителна убавина и извонреден биодиверзитет. Неговиот ранлив еко-систем треба да биде заштитен, додека луѓето кои живеат на бреговите на езерото треба да имаат корист од можностите за одржлив развој. Програмата на Европската Унија „ЕУ за Преспа“ е дизајнирана да го направи токму тоа, преку зголемување на заштитата на регионот, заедно со промоцијата на одржливиот развој за сите. Програмата вклучува и финансиски придонес за изградба на граничниот премин „Маркова Нога“, кој ги поврзува Северна Македонија и Грција, овозможувајќи поголеми економски можности, експанзија на туристичкиот потенцијал на регионот и поблиски економски врски меѓу заедниците околу езерото, изјави амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија.

Програмата „ЕУ за Преспа“ ќе помогне и во справување со загадувањето на водата и почвата, како и за заштита на ендемските видови во Преспанското Eзеро. Со изградба на системите за управување со отпадни води, повеќе од 1 500 жители на 6 села ќе имаат пристап до модерни и ефикасни решенија за справување со овој предизвик. Мрежата за собирање на цврст отпад, ќе се прошири со 11 села и над 1100 жители, со што ќе се спречи загадувањето на животната средина со повеќе тони отпад секоја година. Проектите ќе се имплементираат во наредните три години и ќе се спроведат до 2027 година. (22 април)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.