Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

 Скопје – Македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки на ЕУ, што значи дека ќе биде и официјален јазик на ЕУ. Секако, една земја членка секогаш има право со некои еднострани изјави да искаже некои свои резерви, но тоа нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик во ЕУ, изјави словенечкиот амбасадор Милан Предан. 

Предан нагласи дека сигурно 26-те земји членки кои го признаваат македонскиот јазик, како македонски јазик, не можат да го прифатат ветото поради тоа што една земја членка има резерви за јазикот. 

– Треба да знаете дека во текот на преговорите ќе има многу ситуации кога ќе може да се создаваат некои пречки. Секако, не само од страна на една земја членка, може да бидат и од страна на друга земја членка. Тоа сме го доживеале сите што сме преговарале, изјави Предан. (18 јули)

Маричиќ: Донесовме историска одлука, достоинствено чекориме кон членство во ЕУ

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во интервјуто за српска „Политика“ изјавил дека Владата постапи државнички и одговорно на сите предизвици со кои се соочуваше во текот на дијалогот со Бугарија и ЕУ и во сите документи, вклучувајќи го и Протоколот, успеа да го заштити македонскиот јазик и идентитет. 

– Нема никаква шанса за асимилација, бугаризација, ниту пак територијална претензија. Добивме европски предлог кој овозможува да ги започнеме преговорите веднаш, со заштитен македонски јазик и идентитет, а истовремено имаме и компромисен документ кој ќе ни овозможи побрзо да ги надминеме отворените прашања со Бугарија, вели Маричиќ. 

На прашањето дали се можни идни блокади на патот кон ЕУ, Маричиќ одговори дека во политиката не може сè да се предвиди и дека нема гаранции за ништо, но постои спремност во Владата да се оди напред кон целта за полноправно членство во ЕУ. (18 јули)

Протоколот со Бугарија потпишан, утре Меѓувладина конференција 

Скопје – Северна Македонија утре во Брисел ќе ја одржи првата Меѓувладина конференција со ЕУ, на која премиерот Димитар Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава, со што почнува скринингот, а по завршување на тој процес, предвидена е втора меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со измените во Уставот. 

Во Софија вчера беше потпишан и протоколот меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска. 

– Бугарија е државата која најсилно ја поддржува европската интеграција на Северна Македонија и Албанија. Им посакуваме успех на патот по кој долго време сакаа да тргнат, изјави бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска по потпишувањето на протоколот во Софија. (18 јули)

Мицкоски најавува собирање 150 илјади потписи за референдум

Скопје – Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави собирање 150 илјади потписи за референдум за, како што рече „да ја собориме бугаризацијата и асимилацијата“. 

– Продолжуваме и понатаму да се бориме, нема застанување. Периодов кој што е пред нас, практично овие недела две планирам да излезам со предлог пред ИК на партијата да ја разгледаме можноста за референдумско изјаснување со собирање на 150.000 потписи, изјави Мицкоски денеска во гостување во централниот дневник на Сител телевизија. 

Мицкоски додаде дека граѓаните треба да излезат на референдум и да се изјаснат дали ја поддржуваат или не капитулацијата на Владата. 

Османи: Ги добивме трите важни прашања за нас, а Бугарија доби условена втора меѓувладина конференција 

Скопје – Имавме три важни прашања за нас и тоа – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега. Трите ги добивме. Бугарија доби условување на втора меѓувладина конференција со уставни измени. Тоа е компромисот, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, додавајќи дека со целата морална и политичка одговорност тврди дека македонскиот јазик останува чист, без фусноти и додавки. 

– Ние го имаме затворено прашањето со Бугарија. Тоа е јазичната клаузила од 1999 и 2017 година – македонски јазик согласно Уставот, бугарски согласно Уставот. Ние никогаш во овие преговори не сме обидувале да го смениме ставот на Бугарија, туку да спречиме тој да стане европски. И таа битка ја добивме затоа што во ЕУ сега и во иднина јазикот ќе биде чист без никакви квалификации, фусноти и додавки, рече Османи. (17 јули)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.