Скопје – Во Собранието денеска на Комисијата за надворешна политика и надворешна трговија помина Предлог законот за ратификација на Спогодбата за Инструмент меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за посебни аранжмани за спроведување на поддршка од Унијата во согласност со Инструментот за реформи и раст.
Како што образложи претставничката од Министерството за европски прашања, Христина Конеска Беровска, оваа спогодба произлегува од Планот за реформи и раст што беше инициран од ЕК во ноември, 2023 година, како инструмент со кој што ќе се овозможи дополнителна финансиска поддршка за земјите од Западен Балкан во насока на спроведување на суштинските реформи и забрзување на економскиот раст со цел за приближување на економиите на земјите од регионот до Европската унија. Со планот за раст обезбеден е пакет од 6 милијарди евра за државите од регионов, од кои една третина се во форма на грант, а две третини во форма на заем. Сумата наменета за земјите на Западен Балкан е пресметана од ЕК со посебна формула, според која за нашата земја се определени 750 милиони евра.
-Ратификацијата на оваа спогодба претставува дел од правната рамка со која што ќе се овозможи земјата да добие пристап до овие средства и да може да ги повлекува врз основа на исполнувањето на реформите кои се наведени во реформската агенда. Заедно со оваа Спогодба за Инструментот за реформи и раст, ќе се потпише и Договор за заем – вториот дел од правната рамка, која што беше помината на Собрание во декември лани. Потпишувањето на овие два договора е предуслов за да може земјата да ги повлече средства што се ставени на располагање, вклучително и сумата за предфинансирање која изнесува 7 проценти од средставта определни за земјата, односно изнесува 52,5 милиони евра, рече Конеска Беровска. (21 јануари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.