Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Претседателот на државата Стево Пендаровски вчера нагласи дека ги поддржува уставните измени, но напомена дека не е оптимист за договор меѓу политичките партии околу промените на Уставот. Министерството за правда вчера ги објави имињата на учесниците во работната група за уставни измени предложени од парламентарните политички партии и од институциите.

Свои претставници предложиле десет партии од власта и три институции, додека без свои претставници во групата ќе бидат опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса, ДС, СПМ и ГРОМ.

Од Министерството за правда велат дека имињата на експертите, кои ќе бидат дел од работната група за подготовка на уставните измени ќе бидат соопштени до крајот на неделава. (12 април)

Маричиќ: Формулација на уставните измени по празниците

Скопје – Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ изјави дека работната група за уставни измени по празниците ќе се состане и ќе ги формулира предлозите, по што за нив ќе се отвори јавна дискусија.   

-Jа користиме комплетната временска рамка што ја имаме и поаѓаме од една претпоставка дека сите ќе се постават одговорно и на ниво на задачата и државнички во овој процес. Министерството за правда ги покани и партиите и експертите да номинираат свои претставници. Најголем дел го сторија тоа. Веднаш по празниците ќе има состанување и формулација на предлозите за уставни измени. По таа формулација очекуваме да има и јавна дискусија и потоа да се влезе во Собранието, изјави тој.

-Досегашното искуство ни вели дека вакви обврски низ годините, низ времето, ако ги оставаме стануваат потешки не стануваат полесни. Притоа мора да имаме предвид дека оваа година е клучна за решавање на одредено прашања во регионот. Затоа има притисок и за решавање на проблемот со Косово и состојбата во Црна Гора. Следната година е изборна и во ЕУ и ќе им треба шест месеци за распоредување на новите европски институции, истакна Маричиќ. (12 април)

Рубин: Доколку се шират дезинформации, ќе биде тешко да има нормална политички дебата за уставните измени

Скопје – Една од работите со кои разговарав со претставниците на властите во земјава се начините како САД можат да и помогнат на Владата со своите аналитички капацитети и техничка помош во справување со ширењето на дезинформациите, изјави специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин.

Посочи дека на средбите со премиерот Димитар Ковачевски, првиот вицепремиерот Артан Груби и владините министри, разговарале за начините на препознавање и идентификување на проблемот со ширењето на дезинформации и пронаоѓањето одговори.

Нагласи дека пред земјава сега претстои одлука за уставните измени, откако во минатото беше принудена да донесе многу тешки одлуки, дури и да го промени името за да стане членка на НАТО, посочувајќи дека се надева оти Владата ќе го има потребното политичко лидерство за да ги преземе неопходните чекори за да ја однесе земјата во ЕУ.

Бислимоски за МИА: Да се купува струја кога е евтина, а јагленот да се чува за зима

Атина – Фотоволтаиците ја менуваат цената на електричната енергија, која повеќе не е најскапа во текот на денот, туку варира и токму ова треба да го искористат ЕСМ и ЕВН хоум, доколку има потреба, електрична енергија да ја купуваат во периоди кога е драстично поевтина, а јагленот да се чува за зима, вели за МИА претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Toj како претседател на Бордот на регулатори од вчера учествува на дводневниот редовен состанок во Атина на регулаторите од Енергетска заедница, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснува во кој случај би можеле да говориме за воведување на евтина тарифа, но и открива дека за само три месеци во Северна Македонија се издадени 170 лиценци за нови фотоволтаични електрани, наспроти 267 во текот на целата ланска година. (13 април)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.