Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ја започна работната посета на Франција со средба во Париз со министерот за Европа при француското Министерство за Европа и надворешни работи, Бенжамен Хадад.

Како што соопшти МЕП, разговорот се одвивал во светло на новата геополитичка реалност во Европа, во која партнерството меѓу Северна Макеоднија и Франција „добива нов импулс во насока на продлабочување на европската интеграција, политичката стабилност и отпорноста на регионот кон надворешни влијанија“.

– Во фокусот на средбата беа перспективите за унапредување на билатералната и институционалната соработка, особено во доменот на политиката на проширување на Европската Унија со регионот на Западниот Балкан, како и зајакнувањето на политичкиот дијалог и координацијата во клучните политички европски и безбедносни прашања. Муртезани ја реафирмираше подготвеноста на Северна Македонија да понуди стабилно, демократско и реформски-ориентирано партнерство, поддржано со конструктивен придонес за добрососедските односи и регионалната соработка, се наведува во сооптението.

Во таа насока, Муртезани ја истакна потребата од континуирана и принципиелна француска поддршка за евроинтегративниот процес, потенцирајќи дека целосната интеграција на Северна Македонија и регионот во Унијата останува најсилниот гарант за долгорочна стабилност, демократска консолидација и европски просперитет.

– Потребна ни е посветеноста на Франција за да постигнеме заеднички успех и решителен напредок кон консолидирањето на Европа во овие турбулентни геополитички времиња, порача Муртезани.

Двајцата министри се согласиле дека зајакнувањето на политичкиот дијалог, економската размена и културната соработка остануваат приоритети за обете земји и ги истакнале постојните француски иницијативи, меѓу кои ангажманот на технички експерти во македонските институции, како конкретен придонес за унапредување на реформските процеси и ускогласување со европските стандарди.

– Од страна на министерот Хадад беше повторена цврстата поддршка на Франција за европската перспектива на Северна Македонија, се наведува во соопштението.

Муртезани ја реафирмирал определбата на Владата за продолжување на реформите и за иницирање на нови форми на институционално партнерство со Франција, препознавајќи го Париз како незаменлив сојузник во реализацијата на стратешките евроинтегративни цели на Северна Македонија. (7 јули 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.