Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Реформите во јавните финансии се клучен чекор за секоја држава што се подготвува за членство во ЕУ, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас пред членовите на собраниските комисии за економски прашања и финансирање и буџет. 

На презентацијата за фискалното управување во ЕУ и улогата на Фискалниот совет, Рокас напомена дека носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики.

Фискалните совети, според него, поттикнуваат јавни дебати за фискални прашања и транспарентност што им овозможува на граѓаните и деловните субјекти, како и на инвеститорите подобро да ја разберат фискалната и финасиската состојба во нивните држави. Во овој контекст тој го поздрави формирањето на Фискалниот совет во земјава, како и напорите за јакнење на неговиот капацитет и мандат.

Рокас потсети дека во ЕУ, целта на фискалните совети е да вршат независен надзор и да го следат придржувањето кон фискалните правила што значи, како што истакна, да се избегнуваат преоптимистичките владини проценки или неодржливите планови за јавните трошоци кои може да доведат до фискални дисбаланси.  

– Од 2018 година поддржуваме реформи во јавните финансии со проекти од околу 13 милиони евра. Основањето на Фискалниот совет во 2023 година беше значајна пресвртница во усогласувањето со рамката за економско упраување. Носителите на политики треба да ги сметаат фискалните совети како клучна цел во процесот на донесување на јавните политики и затоа, зајакнувањето на фискалните совети низ целата ЕУ се смета како клуч за фискална стабилност, напомена евроамбасадорот. (11 март)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.