Скопје – Шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас на заедничка прес-конференција со министерот за европски прашања Орхан Муртезани истакна дека Северна Македонија ќе ја добие поддршката на ЕУ и одржува високо ниво на амбиција да се придвижи кон пристапните преговори, но за да го унапреди процесот треба да ги усвои уставните измени, со цел во Уставот да ги вклучи граѓаните коишто живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како што се Бугарите, а на што се согласи дека ќе го направи.
Според него, структурата на Извештајот на ЕК е таква за да може полесно да се чита, па оттаму Преспанскиот договорот и Договорот за добрососедство и пријателство се наоѓаат од неговата прва страница.
– Не постои друга причина, се работи само за тоа сите да се фокусираат на суштинските елементи каде што ние ги даваме препораките за да може полесно да се чита и потоа сите да преминат на другите страници за да видат што всушност сме анализирале. Секако, не треба да се каже дека добрососедските односи, регионалната соработка остануваат како суштински елемент од процесот на проширувањето, рече Рокас во одговор на прашањето дали тоа што добрососедските односи се на првата страница од Извештајот на ЕК, значи дека земјата не ги исполнува доволно добро односите со соседите.
Рокас потсети дека за време на посетата на Скопје минатиот месец, претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен упати јасна порака дека „имаме јасна цел Кластерот „Основни вредности“ да се отвори што е можно побрзо“.
– Речиси сме стигнати до таму. Знаеме дека се работи за уставните измени коишто вашата земја се обврза да ги спроведе. Сега потребни ни се заеднички напори, соработка и дијалог и се надевам дека сите политички страни во земјата ќе се обединат и ќе го преземат овој решителен чекор нанапред. Таа е уверена, исто како, што кажа и премиерот дека може да ги надминеме пречките коишто постојат, рече Рокас. (1 ноември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.