Скопје – Соработката меѓу Северна Македонија и Бугарија сега е поважна од кога и да било, оцени амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас на конференцијата што се одржа во прес-центарот на Бугарската телеграфска агенција (БТА) во Скопје, а на која се разговараше за нејзиниот проект „Европа на Балканот: Заедно преку знаења“, поддржан од Европската комисија.
Рокас во своето обраќање посочи дека токму овој настан ја покажува посветеноста на двете земји во зајакнувањето на нивните билатерални врски и промовирање на регионалниот развој, економскиот раст и културната размена.
Оваа соработка, како што рече Рокас, е демонстрација на трајното партнерство кои постои меѓу двете нации и нивната заедничка визија за стабилна, просперитетна и европска иднина.
Рокас напомена дека процесот на интеграција не е само добивање на членство во Европската Унија, туку се работи за обезбедување на стабилност, мир и заеднички просперитет за сите.
– Европската Унија има развиено рамка за билатерална соработка со пет соседи на Северна Македонија – Албанија, Косово, Грција, Бугарија и Србија. Овие партнерства се засноваат на взаемно почитување, заеднички цели и посветеност на изнаоѓање заеднички јазик во справувањето со предизвиците. Постојат длабоки корени во соработката меѓу Бугарија и Северна Македонија. Таа започна уште пред нејзината официјална институционализација, со помош на прекугранични програми финансирани од Европската Унија, рече Рокас.
На конференцијата, меѓу другите, свои обраќања имаа и генералните директори на МИА и на БТА, Драган Антоновски и Кирил Валчев и амбасадорот на Бугарија во Скопје, Желјазко Радуков. (13 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.