Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Министерот за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари средба со грчката амбасадорка во земјата, Софија Филипиду, на која биле разгледани приоритетите во процесот на европската интеграција и билатералната соработка меѓу двете земји.

На средбата, како што соопшти МЕП, се разговарало за забрзување на реформите поврзани со ЕУ и зајакнување на улогата на Министерството за европски прашања како главно координативно тело за пристапниот процес, како и за операционализација на националните структури за преговори и за реформската агенда и реформско-растечкиот механизам.

Министерот Сали ја истакнал важноста од одржување на позитивниот моментум во политиката на проширување на ЕУ и потребата од конкретни резултати во спроведувањето на реформската агенда, како и финализирање на клучните плански документи и патокази во областа на владеењето на правото и реформата на јавната администрација.

Двајцата соговорници разговарале за билатералната соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на можноста за реактивирање на активностите во рамките на меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ (потпишан во април 2019 година) преку размена на искуства, експертиза и знаења за имплементација на политиките на ЕУ.

Во контекст на пристапниот процес кон ЕУ министерот Сали ја реафирмирал определбата на Владата за продолжување со реформите и за целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ како силен сигнал за стратешката европска ориентација на државата.

На крајот од средбата двете страни ја потврдиле подготвеноста за продолжување на редовната координација и конкретната соработка во насока на унапредување на европската агенда и зајакнување на добрососедските односи. (14 јануари 2026)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.