Скопје – Северна Македонија ги доби првите средства во износ од 52,4 милиони евра, од претфинасирањето во рамките на Инструментот на ЕУ за реформи и раст на Западниот Балкан, од кои 24,4 за буџетска поддршка веќе се уплатени на Министерството за финансии.
– Пристигнаа средствата од претфинасирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од ЕУ за земјава во вредност од 52,4 милиони евра, односно седум проценти од вкупната вредност на финансиската поддршка која за нашата земја изнесува 750 милиони евра. Оваа исплата е врз основа на барањето за претфинансирање за кое во ноември лани известивме дека како национален координатор за реформската агенда го потпишав и го доствавивме до ЕК. Со ова, Северна Македонија стана првата земја во регионот која ги доби овие средства откако претходно ги заврши правните процедури, а тоа значи дека Договорот за заем и Договорот за грант се веќе ставени во сила, информира денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Втората важна вест поврзана со Реформската агенда, како што додаде Муртезани, е што на 14 март годинава, до ЕК во предвидениот рок земјава го доставила првото барање за ослободување дополнителни средства во износ од 17,1 милиони евра за имплементација на реформи, од кои 7,96 милиони евра се за директна буџетска поддршка, а останатите 9,15 милиони евра за инвестициски проекти преку заедничкиот фонд на инвестициската рамка за Западниот Балкан.
– Овие средства ќе бидат достапни, откако Комисијата ќе заврши со оценката за исполнувањето на реформите за што на располагање има 90 работни дена, истакна Муртезани.
На новинарско прашање министерот за европски прашања истакна дека од сумата од 52,4 милиони евра 24,4 се веќе легнати на сметката на Министерството за финансии во Народната банка, 15 милиони се грант и се префрлени во Инвестицискиот фонд за Западниот Балкан, а останатите 13 милиони евра заеми за проекти и се во процедура на исплата.
Тој додаде дека интензивно е работи на реализација на чекорите за исполнување на периодот до јуни годинава за чии активности се предвидени околу 70,6 милиони евра. (24 март 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.