Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Во Владата попладнево е потпишан Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража, Фронтекс.

Договорот е потпишан на македонски јазик.

Од име на ЕУ го потпишаа амбасадорот на Чешка Јарослав Лудва како претставник на чешкото претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која е дел од делгацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

На потпишувањето присуствуваа претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен и премиерот Димитар Ковачевски.

-Потпишувањето на Договорот е уште еден чекор во продлабочувањето на односите меѓу ЕУ и Северна Македонија. Тоа ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот е на македонски јазик, како и на сите 24 јазици на ЕУ, а сите јазични верзии се подеднакво валидни, информираа од Делегацијата на ЕК во земјава.

Договорот за Фронтекс беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите „македонски јазик“. Советот на ЕУ на 13 октомври ја усвои одлуката за потпишување на Договорот, откако Софија го крена ветото кон земјава. (26 октомври)

Фон дер Лајен: Во пристапниот процес и преговорите има јасни чекори за владеење на правото и борбата против корупцијата

Скопје – Северна Македонија како и другите земји ќе мине низ овие реформи, ќе биде посилна. Веќе многу имате завршено, интензивно работевте и препорачувам да се види Извештајот што беше објавен, но секако има уште многу што треба да се заврши, рече претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен, одговорајќи на новинарско прашање во врска со борбата со криминалот и корупцијата во земјава.

По заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски, Фон дер Лајен порача дека   и секоја земја што се приклучила кон ЕУ минала низ овие процеси и ги остварила тие реформи.

-Имаме Извештај за владеење на правото во рамките на ЕУ за постојано одново и одново да се зацврстуваат институциите кои се борат со организираниот криминал, кои се борат со корупцијата и кои се занимаваат со владеењето на правото, истакна Фон дер Лајен. (26 октомври)

Фон дер Лајен е сигурна дека ќе има мнозинство за уставните измени

Скопје – Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен смета дека ќе се постигне мнозинство и уставните измени ќе бидат изгласани.

-На билатералната средба зборувавме за оваа важна тема за уставните измени. Сигурна сум дека луѓето од Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно за уставните измени. Постигнавте многу, бевте успешни во напредувањето и сигурна сум дека ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одгворини за придонес кон тоа земјата да се движи напред. Ги повикувам сите политичари да го остварат сонот на младите луѓе кои сакаат да се дел од ЕУ, рече Фон дер Лајен, одговорајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски. (26 октомври)

Пендаровски: Да не се брза со процесот на уставни измени

Скопје – Претседателот Стево Пендаровски смета дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг. Дотогаш, вели, може да детектираме и поправиме нешто во однос на потребните реформи, а кога тој процес ќе биде при крај, тогаш да се види дали се има потребното дотретинско мнозинство.

-По мене суштински е во тој процес да не се оди со главата нанапред без да се мисли каде евентуално може да удриме. Не би сакал ни случајно, ниту како граѓанин, ниту како претседател да видам процеси слични на усвојувањето на Преспанскиот договор, рече Пендаровски.

Мојот совет до Владата и до јавноста е да одиме плански и да не брзаме во тој процес.

-Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство, вели претседателот Пендаровски.

Тој смета дека се смешни тврдењата на опозицијата дека ќе се изборат за нова преговарачка рамка, или за поништување на Преспанскиот договор.(26 октомври)

80 милиони евра поддршка од ЕУ за справување со енергетската криза 

Скопје – ЕУ на Северна Македонија ќе и даде финансиска поддршка за справување со енергетската криза. Првата транша е во износ од 80 милиони евра, а средствата ќе бидат на располагање од јануари 2023 година.

Како што рече премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференцијата со претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен, ова нема да биде единствената помош, бидејќи, како што соопшти и Фон дер Лајен, веќе се размислува и за нова поддршка, на ниво на регионот, не само во грантови, туку за финансирање капитални проекти.

– Во наредните два месеца ќе бидат направени сите формалности и веќе од јануари ќе можеме да ги повлечеме средствата за буџетска поддршка. Тие финансиски средства во најтешките ќе можат да бидат искористени за справување со енергетската криза, односно за намени кои Буџетот ќе ги предвиди со Буџетот за 2023 година кој наскоро ќе биде одобрен на Влада и ќе влезе во Собранието, посочи премиерот Ковачевски. (26 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.