Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Европската Унија доби барање од Северна Македонија за помош во справување со последиците од пожарот во ноќниот клуб во Кочани, потврди за МИА портпарол на Европската комисија. 

Претходно, Европската комисија информира дека ЕУ е подготвена да и помогне на земјава преку најзиниот Механизам за цивилна заштита, доколку таа го побара тоа.  

При пожар во ноќен клуб во градот Кочани во источниот дел на Северна Македонија, што избувнал во неделата околу три часот по полноќ, загинаа најмалку 59 лица загинаа, а над 150 се повредени.

Изрази на сочувство, солидарност и тага поради трагедијата изразија највисоките претставници на ЕУ.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изрази жалење поради трагедијата во Кочани и изрази сочувство за жртвите. – Тагувам за трагичната загуба на животи во пожарот во Кочани. Мое најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите и сите погодени. ЕУ се солидаризира со народот на Северна Македонија во ова тешко време, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта порача дека „ЕУ се солидаризира со народот на Северна Македонија во овој момент на тага“. – Срцето ми е скршено од загубата на толку млади луѓе во страотниот пожар во Кочани. Моите мисли се со сите семејства на жртвите од оваа трагедија, наведе Кошта.

Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола порача дека нејзините мисли „утрово се со народот на Северна Македонија и со семејствата и пријателите на сите оние кои ги загубија животите во страшниот пожар што избувна минатата ноќ во Кочани“. – На сите повредени им посакувам брзо закрепнување. Европа тагува со вас на овој трагичен ден, наведе Мецола во објава на Икс. 

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас изрази „длабоко жалење за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани“. Таа, исто така, во објава на Икс изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.  – ЕУ ја споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија, додаде Калас.  

„Длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и сочувство за жртвите изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос. – Длабоко сме натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе, порача Кос, додавајќи дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“.  

И еврокомесарката за еднаквост, подготвеност и кризен менаџмент Хаџа Лабиб изрази жалење за жртвите и солидарност со Северна Македонија. – Трагедија во Кочани, Северна Македонија, каде што катастрофален пожар во ноќен клуб резултираше со голем број жртви и повредени. Нашите мисли се со жртвите, нивните семејства и тимовите за итни случаи. ЕУ е подготвена да даде поддршка. Солидарни сме со Северна Македонија, порача Лабиб. (16 март)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.