Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Медиумите и граѓанските организации имаат голема улога во демократските процеси и во промовирање на демократските вредности. Потребна е политичка рамка, која ќе ги заштитува новинарите врз основа на европски закон. Ова би можело да биде гаранција за постоење на слобода на говорот. Слобода на говорот и слобода на медиумите е предизвик со кој се соочуваат дури и земјите членки на ЕУ, и ние сите мора да се фокусираме да работиме на ова поле, порачаа денеска говорниците за време на втората работна сесија на 23. Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, што се одржа во Собранието.

Европратеникот Гордан Босанац во своето обраќање напомена дека не може да постои демократија без слободни медиуми и без граѓанското општество.

– Важен елемент на демократијата не се само партиите и институционалната рамка. Нема демократија без слободни медиуми и граѓанско општество. Доколку некоја земја има проблеми со слободата на медиумите и граѓанското општество, тогаш таа не би требало да биде членка на Европската Унија. Проблемот е што дури и во ЕУ денес има предизвици во оваа област. Дел од нашите земји членки се соочуваат со ваквите предизвици, но ние секогаш мора да знаеме дека треба да се фокусираме на ова поле, рече Босанац.

Пратеничката во Собранието на Северна Македонија, Арбана Пашоли во однос на оваа тема, потенцираше дека и медиумите и граѓанските организации имаат голема улога во демократските процеси и промовирање на демократските вредности. Таа напомена дека слободата на медиумите е процес кој што мора постојано да се подобрува, а новинарите мора да ги имаат сите слободи и права, својата работа да ја вршат одговорно, професионално и непристрасно. Пашоли е на ставот дека соработката со новинарите е многу важна, заради демократското унапредување.

Европратеникот Владимир Преболиќ во своето обраќање, надоврзувајќи се на историјата и политиката, подвлече дека историчарите не се тие кои ги делат народите, туку политичарите  ја злоупотребуваат историјата за таа работа.

– Историјата и историчарите не ги делат народите. Политичарите ја злоупотребуваат историјата за таа работа. Ако политичките елити немаат одговори за иднината, бидејќи политиката е за говорење за иднината а не за историјата, тогаш тоа се празни политички елити. Не треба да се користат историските причини со кои ќе се оптоваруваат новите генерации. Да ја оставиме историјата на историчарите, а ние да не ја злоупотребуваме, рече Преболиќ.

Во однос на темата за природата и екологијата, европратеникот и известувач за земјава Томас Вајц во своето обраќање подвлече за граѓаните е важно да имаат чист воздух, чиста вода и живот што ќе им овозможи на децата да останат тука и да ја градат државата, а не да заминат затоа што чувствуваат дека не се почитувани.

– Жално е да се види колку вашата земја е валкана. Јас сум бил на Галичица, на Пелистер, во Преспа, Охрид и Кратово, Маврово… Природното наследство што го имате е исклучително и е вашиот најголема гордост, затоа треба да најдете решение. Имате прекрасни реки, но загадени. Имате плодна земја и убави реки и тоа е вашето богатство, но треба да знаете да ги сочувате овие природни богатства, бидејќи се важни за нашата иднина, рече Вајц. (28 февруари) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.